На површина од 5 732 метри квадратни германската компанија „Костал“, денес и официјално го започна производството на технолошко напредни и иновативни производи во автомобилската индустрија. За почеток компанијата ќе биде сместена во еден од објектите на поранешен „ЕМО“, а понатака планирано е да се пресели во новиот објект кој ќе го изградат во технолошката развојна зона што се наоѓа помеѓу Охрид и Струга.
Компанијата „Костал“ претставува една од водечките компании од оваа област, а остварува соработка и со најпознатите автомобилски компании како фолскфаген, мерцедес, БМВ, форд и други.
На свеченоста, од страна на претседателот на „Костал“, Анреас Костал беше истакнато дека благодарение на Владата на Република Македонија и на општината Охрид, ја донесле одлуката за инвестирање во Македонија, односно во просториите на поранешен „ЕМО“ во Охрид.
Навистина имавме одлична поддршка од Владата и државните институции во реализирањето на овој проект. Единствено преку таква поддршка беше можно за помалку од една година да дојдеме до степен на почеток на производство.„Костал“ во македонските филијали за наредните десет години планира да известира 30 милиони евра, и на подолг рок, независно автоматизацијата на производствениот процес, да креира 800 работни места, рече Анреас Костал.
Премиерот Емил Димитриев потенцираше дека не постои поубава празнична честитка од отворањето на фабрика.
Благодарение на мерките и политиките на Владата, „Костал“ донесе одлука своето производство да го прошири и тука во Македонија. Она што радува е што зацртаните планови на компанијата етапно и со сигурност се исполнуваат, за што е потврда и денешниот настан и почетокот на производството на „Костал Македонија“, истакна премиерот Димитриев.
Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо го изрази своето задоволство што „Костал“ и покрај големата конкуренција ја одбра Македонија за да ја направат својата инвестиција.
За нас како Дирекција на ТИРЗ особено беше важно што преку овој начин ќе заживее дел од комплексот на поранешен „ЕМО“, каде голем број охриѓани ги почна и завршија своите кариери, притоа решавајќи да ги учат техничките науки поради можностите што ги нудел „ЕМО“. Во „Костал“ се, а и понатаму ќе бидат анагажирани дел од поранешните вработени во „ЕМО“, како еден од важните услови кога „Костал“ се одлучи да инвестира токму на овој регион, рече Мизо.
На почетокот е предвидено да работат околу 100 луѓе, додека на подолг рок се очекува бројот на вработени да се искачи до 800 и да се инвестира околу 30 милиони евра.
Извор: www.ohrid.gov.mk |