Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески денеска во соседна Струга присуствуваше на координативниот состанок што го организира Центарот за развој на југозападниот плански регион и СВР Охрид а со цел преземање почетни иницијативи за изнаоѓање решение за проблемот со кучињата скитници во градските средини .
Проблемот со кучињата скитници се јавува на територијата на целиот југозападен регион, при што само со заедничко дејствување може да дојде до подобрување на ситуацијата на терен, беше истакнато на средбата.
Според градоначалникот Бакрачески, проблемот со кучињата скитници се повеќе ќе се наметнува како проблем за решавање на сите општини од Југозападниот плански регион, исто онака како што и во Охрид се наметна како проблем, не само во јавноста туку и како проблем во општото заедничко живеење.
-Сметам дека овој состанок кој што денеска го имаме доаѓа во крајно време или пет до дванаесет, бидејќи според дискусиите со градоначалниците од другите општини од Југозападниот регион, сите генерално го имаат овој проблем, им виси над глава и овој проблем секако треба да се реши со заеднички сили и со инволвирање на сите субјекти кои што имаат надлежност за згрижување на кучињата скитници. Да се отпочне еден процес за долгорочно решавање на проблемот. Се надевам дека во текот на овој состанок ќе имаме доста конструктивни предлози, идеи кои што ќе можат да резултираат со една заедничка стратегија за справување со тој проблем и се надевам дека во иднина ќе имаме можност долгорочно да се справиме со него. Најприфатливо е решението за изградба на еден регионален центар за прифаќање и третман на кучиња скитници. Идејата не е доволно разработена, но за тоа ќе треба да се консултираат многу субјекти и останатите локални самуправи. Да се видат можностите за финансирање на еден ваков прифатен центар, меѓутоа сметам дека и тоа како е потребно , бидејќи ниедна од овие општини кои влегуваат во Југозападниот плански регион не може долгорочно, сама да се справи со овој проблем, подвлече Бакрачески.
Регионалниот проект за решавање на проблемот со кучињата скитници во Југозападниот плански регион е веќе подготвен и истиот денеска беше презентиран пред градоначалниците од овој регион.
-Проектот кој ќе го реализира Центарот на Југозападниот плански регион се состои од набавка на опрема што подразбира возила со кафези, опрема од типот на мрежи, јамки за заловување на кучињата и организира обука за сертифицирани по двајца заловувачи од секоја општина во рамки на регионот. Вториот де, организирање на прифатилишта е во надлежност на општините и тие ја прифаќаат оваа обврска понатака да ја превземаат,изјави директорката на Центарот на Југозападниот плански регион , Мирјана Лозаноска.
Конкретно решавање на проблемот од страна на сите општини, преку издвојување на средства од својот буџет, за решавање на овој проблем, смета струшкиот градоначалник Зијадин Села.
-Дополнително овој проблем мислам дека треба да го работи полицијата. Се зборува дека кучињата се транспортираат од општина на општина. Знам дека досега таков феномен немаат фатено. Треба да се почне со работата на полицијата, а од друга страна ние општините треба да седнеме и да го решиме тој проблем. Јас како градоначалник на Струга сум спремена да почнам со процедура за да обезбедам локација, а од друга страна трошоците за градење на инфраструктурата и трошоците за грижа на кучињата треба сите општини да ги споделиме, истакнува струшкиот градоначалник Села.
-Ние како локални самоуправи имаме навистина проблем, но и законска обврска да се грижиме за ваквите појави.Со поддршка на југозападниот плански регион, ќе се обидеме заеднички да најдеме начин во престојниов период да го решиме овој проблем , за потоа да немаме никакви последици врз луѓето. Има расположение од сите страни за решавање на овој голем проблем, истакна градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски потсети на неколкуте немили настани во кои кучиња скитници нападнаа луѓе .
-На подрачјето на Центар Жупа имавме загубен човечки живот од напад на кучиња скитници. Во струшко Мислешево имавме напад на две кучиња пит бул врз случаен минувач, а неколку случаеви упатуваат на тоа дека ние треба да се заложиме и да го решиме овој проблем, истакна Димоски.
На средбата покрај градоначалникот Бакрачески и претставници од Центарот за развој на Југозападниот плански регион и полиција, присуствуваа и градоначалниците на Струга и Дебарца како и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Извор: www.ohrid.gov.mk |