Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОХРИД СЕ ГРАДИ И ГО ВРАЌА ЗАБОРАВЕНИОТ СЈАЈ
Untitled Document

По речиси една деценија на стагнација Охрид стана градилиште.  Градов се гради и разубавува, се инвестира во сите области од општествениот живот. Полека, сигурно и видливо се  враќа заборавениот сјај на Охрид и изгубената верба на граѓаните за подобра иднина на Балканскиот Ерусалим.  Нема Урбана Заедница    каде во изминатиов период  актуелната локална власт не  интервенирала во подобрување на инфраструктурата и задоволување на потребите на граѓаните.


Градоначалникот Никола Бакрачески  најави вистинска  градежна експанзија во месец септември и укажа на инфраструктурните проекти кои  се во тек.  


-Согласно регулативите и правилата на работењето на Локалната самоуправа ова е период кога во централното градско подрачје мора некои од градежните зафати во делот на инфраструктурата да бидат прекинати и веднаш по завршување на летната сезона продолжуваме активно да работиме на реализација на останатите проекти или оние кои биле во тек. Градежните активности особено ќе бидат интензивирани по завршување на летната сезона од месец септември и дел од планираните проекти покрај во 2015  ќе продолжат во текот на 2016 година. Претежно ќе се работи на разубавување на градот во делот на инфраструктурата која е суштински потребна на градот Охрид.   Во моментов  со поддршка на Светска Банка и Владата на Р. Македонија  работиме  и во тек е   реконструкцијата на   улицата „Питу Гули“ каде се реконструираат и тротоарите со коловозните ленти по целта должина. На оваа значајна патна артерија се реконструираше и водоводната и канализационата мрежа. Се правеа премини на патот со цел по нејзината реконструкција засекогаш да се решат долгогодишните проблеми односно  да нема повторно уништување на  коловозите заради дефект на мрежата или реконструкција на индивидуалните мрежи. Се надевам дека ваквата наша стратегија ќе биде применувана и на сите други инфраструктурни зафати на улиците што ги предвидуваме. Покрај на “Питу Гули“ се работи и на улиците „Илија Смически“ , „Ристо Чадо“ и на неколку улици во населбите Воска- Даљан, рече градоначалникот Бакрачески.


Во текот на септември  ќе се започне реализацијата на неколку крупни инфраструктурни  проекти кои  ќе бидат гордост за Охрид.


-          Во текот на месец септември ќе  започне  изградбата на  пет кружни токови. Ќе продолжи да се гради патеката од каналот „Студенчишта“ кон хотел „Парк“.  Претпоставувам дека во есенскиот период од годинава  ќе завршат  и проектните задачи за реконструкција на охридскиот кеј и за изградба на современа пешачка зона од левата страна кај каналот Студенчишта. Тоа се  крупни зафати во централното градско подрачје кои би требало да бидат гордост за Градот Охрид и кои што сметаме дека во текот на 2015 или прва половина на 2016 година ќе бидат завршени, потенцира Бакрачески.


Наредниов период  се очекува  да биде поставен камен темелникот на затворениот зелен пазар кој општина Охрид го гради по  модел на јавно приватно партнерство. Нов импулс во стопанското заживување на Охрид ќе даде и неодамна потпишаниот договор со германската фирма „ОДВ Електрик“ која се обврза да вработи 1 000 лица од охридско –струшкиот регион.

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1338  пати
Објавено на: 02.08.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©