На пригоден начин со полагање свежо цвеќе и со културно уметничка програма општина Охрид достојно ја одбележа 70 годишнината од ослободувањето на градов.
Пред спомен обележјата на борците во Градскиот парк, пред Основниот суд и во дворот на СОСУ “Св. Кирил и Методиј“ како и пред споменикот на Јасна Ристеска и кај Спомен паркот на револуцијата се поклонија делегации од општина Охрид , од политичките партии и од Сојузот на борци.
Одбележувањето на празникот продолжи со пригодна свеченост во зградата на општина Охрид . Пред присутните се обрати претседателката на охридскиот совет, Гордана Коњановска/
-Низ историјата Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата. Илинденската епопеја, Балканските војни и Првата Светска Војна се трагични епизоди, но и скалило повеќе кон целосното ожитворување на идеалот за слобода, еднаквост и човечките правдини, кој се реализира со застанувањето на македонскиот народ на страната на антифашистичката коалиција во Втората светска војна во која беа положени илјадници животи, за конечна победа и слобода на Македонија.
Денес 70 години потоа, жртвата на нашите херои не обврзува, да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овој предизвик, а со тоа се ставаме на страната на демократските и просперитетни државни заедници. Исто така, уверена сум дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапата на најпрепознатливи светски дестинации.
Дозволете ми моето обраќање да го завршам со парафразирање на големиот Јане Сандански: Ако животот е борба во која нашите татковци се избориле за слобода, нашата генерација треба да се бори за совршенство и така најдобро ќе го исполниме аманетот на нашите предци за слободна, просперитетна и вековита Македонија, во која Охрид ќе биде нејзиниот најсјаен бисер, рече Коњановска, по чие обраќање присутните ја проследија културно- уметничката програма на која учествуваа хорот и рецитаторската секција при ОУ “Христо Узунов“, хорот при Здружението на пензионери , учениците од ОМУ “Методи Патче“ и соло настапот на две ученички од ОУ “Григор Прличев“.
Веднаш потоа присутните ја разгледаа и изложбата во холот на општина Охрид со слики од учениците од охридските основни училишта.
Чествувањата по повод “7-ми Ноември“ кој е и патрон празник на ЈП “Охридски комуналец“ и на ЈОУГД “Јасна Ристеска” ќе биде заокружен попладнево со хепенинг во СРЦ “Билјанини Извори”, каде празникот ќе го одбележат најмладите охриѓанчиња.
Извор: www.ohrid.gov.mk |