Општина Охрид и Заводот за кардиоваскуларни заболувања во недела( 04.10. 2015) со низа активности ќе се вклучат во одбележувањето на Светскиот ден на срцето.
Централниот настан ќе се одржи на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ каде во период од 09 до 13 часот во поставениот шатор доктори од Заводот за кардиоваскуларни заболувања ќе им го мерат крвниот притисок, ќе прават ЕКГ и ќе даваат совети за здравјето на срцето на сите заинтересирани охриѓани.
Светскиот ден на срцето е годишен настан кој се случува секоја година од 2000 година наваму на 29-ти септември. Има за цел да ја направи што подостапна, до што поголем број луѓе на планетата Земја, информацијата дека срцевите заболувања и мозочните удари се водечка причина за смртност во светот и се одговорни за 17.3 милиони изгубени животи годишно.
Секоја година одбележувањето на овој ден има ралично мото кое рефлектира клучни прашања и теми поврзани со здравјето на срцето.
Годинашното мото е „Создавања на околина за здраво срце“. Пораката е дека местата во кои живееме, работиме, се забавуваме не треба да ги зголемуваат ризиците за кардиоваскуларни заболувања.
Заводот за кардиоваскуларни заболувања е првата здравствена институција која пред повеќе години се вклучи во одбележувањето на овој ден, а трета година по ред активностите ги спроведува во соработка со Општина Охрид.
Целта е сите заедно да придонесеме за подигање на јавната свест за неопходноста од превземање на сите потребни мерки во насока на превенција на овие заболувања.
Извор: www.ohrid.gov.mk |