Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
НА ПРВИОТ УЧИЛИШЕН ДЕН ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БАКРАЧЕСКИ МЕЃУ ОХРИДСКИТЕ УЧЕНИЦИ
Untitled Document

Започна учебната 2015-16 година. Во училишните клупи  во Охрид седнаа 501 прваче, 4 762 основци и 2 258 средношколци.
Градоначалникот Никола Бакрачески кој денеска ги посети  учениците во ОУ „Ванчо Николески“ во с. Лескоец и средношколците од  ОУТУ „Ванчо Питошески“, смета дека    исполнети се сите предуслови за  непречен и успешен почеток на учебната година и реализација на наставата во добри услови. Во изминатиот летен период сите училишта ги направија потребните подготовки.

Во овој период кој измина имавме интензивни подготовки. Речиси сите училишта ги помогнавме и финансиски во делот на справување со долговите кои ги повлекуваат од минатото, во покривање на некои неисплатени обврски и секако во делот на реконструкција на неколку средни и основни училишта – рече градоначалникот Бакрачески кој им го честита почетокот на учебната година  на првачињата кои прв пат влегуваат во светот на знаењето,  на сите основци и средношколци, на наставниот кадар и на родителите со желба што повеќе време да бидат со своите деца во насока на што поуспешно совладување на наставните  програми.

Во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец градоначалникот Бакрачески ја проследи  свечената приредба што по повод почетокот на учебната година ја одржаа учениците по што ја стави во употреба  новата училишна библиотека.

Во ова основно училиште успеавме да реконструираме една просторија во која ја сместивме училишната библиотека. Од тука учениците ќе имаат можност да се снабдат со основниот  фонд , лектири, стручна литература и белетристика. Се надевам дека библиотеката ќе биде добар допринос не само за учениците туку и за наставниците и за родителите кои на полесен и поедноставен начин  ќе можат да дојдат до литературата која што е потребна за образование на нивните деца, рече градоначалникот Бакрачески кој додаде дека во подготвителниот период во ова училиште е реконструирана училницата за првачињата  каде се  заменети подовите а реконструирана  е и просторијата за техничкиот персонал.

 

Ние во континуитет реконструираме основни и средни училишта во Охрид, онака како што Секторот за образование го одредува приоритетот според програмите кои ние ги носиме во Локалната самоуправа. Поддршката и помошта  на училиштата  од наша страна ќе продолжи и во иднина не само во делот на реконструкциите туку и во делот на успешно финансиско менаџирање со адекватни финансиски средства кои што од буџетот на  општина Охрид се доделуваат на основните и средните училишта надвор од она што Министерството за образование и наука како блок дотации ги наменува за училиштата- потенцира градоначалникот.

На првиот училишен ден градоначалникот Бакрачески беше и меѓу средношколците од ОУТУ „Ванчо Питошески“. Поздравувајќи ги учениците кои прв пат седнуваат во средношколските клупи  градоначалникот  истакна дека во четирите наредни години од нив се бара да бидат   истрајни , посветени и одговорни во насока на постигнување на зацртаните цели.

-Во наредниве четири години од вас се бара да бидете истрајни , посветени и одговорни. Само така ќе ја постигнете целта. Ќе  добивате оценки кои ќе ви обезбедат сигурен  билет за првите места на факултетите  или директен влез на работното место. Верувам дека токму овде во овај момент се кријат идните успешни, менаџери на хотели и ресторани, бизнисмени, политичари, а се надевам и изумители кои со своите иновации ќе придонесат кон драстични промени за добробит на луѓето во Светот. Убеден сум дека тука има и одлични музички артисти, уметници и голем број успешни луѓе секој во својата област. Но, за да стигнете до посакуваниот успех потребно е да работите, да бидете смирени и да имате трпение. Токму овие три работи се филозофијата врз која почива успехот на секој поединец- потенцира градоначалникот Бакрачески.

На ниво на државава во  основните училишта денеска првпат во училишните клупи ќе седнат околу 20.000 првачиња, а првиот ден по летниот распуст почна и за 190.000 основци и за 85.000 средношколци во 337 основни и во 105 средни училишта во земјава.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1369  пати
Објавено на: 01.09.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©