Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
РАКОМЕТЕН ДЕН НА АКАДЕМИЈАТА „АНДРЕА ЛЕКИЌ“
Untitled Document

Ракометната академија „Андреа Лекиќ“, денеска на Градскиот плоштад организираше ракометен ден. Во рамки на настанот на кој присуствуваше и ракометарката на ЖРК „Вардар“, Андреа Лекиќ беа презентирани различни техники и игри, а на посетителите им беше овозможено и дружење со неа.


Во изјава за медиумите, Андреа Лекиќ изрази задоволство од гостопримството на Охрид и охриѓани, како и безрезервната поддршка која општина Охрид и ја пружила во организацијата на овај настан.


-          Сакам да ве поздравам и да Ви се заблагодарам што со своето присуство ја поддржувате оваа манифестација. Ми претставува огромна чест и задоволство што оваа моја трета по ред ракометна академија се одржува во Охрид. Поради тоа им должам голема благодарност на градоначалникот Никола Бакрачески и неговиот кабинет, како и директорот на СРЦ „Билјанини Извори“, Ристе Мише, кои одлично не пречекаа – изјави Лекиќ.


 Академијата започна на 20  и ќе трае до 26 јуни, а на неа учествуваат повеќе од 70 деца од 10 различни земји, што оваа академија ја прави интернационална. Ракометарката на „Вардар“ во знак на благодарност им додели пригодни подароци на заменик градоначалникот и директорот СРЦ „Билјанини Извори“.


-          Од нашите насмеани лица може да забележите дека уживаме во Охрид и се надевам дека ќе се видиме и следната година, додаде Лекиќ.


Целта на академијата е да се научат некои основни карактеристики поврзани за ракометот, дружење и пред се да се научат основните човекови вредности, како децата би прераснале во добри луѓе па понатака во добри спортисти.

 


Во име на општина Охрид, присутните и учесниците на академијата ги поздрави заменик градоначалникот Ангел Јанев, кој ја потенцираше важноста од ваквите случувања во Охрид.

 
-          И благодарам на ѕвездата на светскиот ракомет,  што е дел од Охрид, дел од оваа прекрасна приказна оваа година, а се надевам ќе биде со нас и во идните годините, рече заменик градоначалникот Ангел Јанев, кој потенцира дека „Ракометот не е само спорт, тоа е многу повеќе од спорт“, туку  е образование,  дружење и културно надградување.
 


Директорот на СРЦ „Билјанини Извори“ потенцира дека со овај настан се прави еден пресврт во работењето на претпријатието.


-          Голема чест и задоволство претставува што летниот камп на најдобрата светска ракометарка Андреа Лекиќ ќе ги одржува тренинзите токму во салата „Билјанини извори“.  Одржувањето на овај камп е показател дека ние како претпријатие сме направиле голем исчекор и своевиден пресврт во нашето работење, истакна директорот Ристе Мише.


Користењето на услугите од СРЦ „Билјанини извори“ од спортисти од светски ранк е показател дека Охрид има капацитет да опслужува и организира големи настани, а самото тоа претставува промоција пред врвната спортска јавност.

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1331  пати
Објавено на: 24.06.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©