Градоначалникот Никола Бакрачески денес прими делегација од Катар предводена од нивниот амбасадор во Република Македонија,Н.Е. Хасан Бин Абдула Ал Махмуд.
По првичниот работен состанок на градоначалникот Бакрачески со претставници од катарската амбасада на која се разговараше за можностите за инвестирање во Охрид во делот на туризмот, прехранбената индустрија и преработка на рано градинарски култури како и инвестирање во мали шопинг центри, на денешната средба градоначалникот Бакрачески го информира амбасадорот од Катар за конкретните проекти и локации на Општина Охрид кои се погодни за инвестирање.
Се разговараше за неколку локации на самиот езерски брег кои се погодни за изградба на хотели како и подигање на објекти од областа на здравствениот туризам .Почесниот гостин беше запознаен и со можноста да се инвестира во изградба на хотелски комплекс кој би се наоѓал на самиот езерски брег кај Градиште од каде е предвидено да започнува и ски центарот Галичица за кој Општината веќе ја има изработено физибилити студијата и драф на мастер планот. Стана збор и за можностите да се изгради луксузен еколошки комплекс крај самиот езерски брег кој би имал систем на канали и мали езерца поврзани со Охридското Езеро.
Притоа гостите од Катар беа запознаени со поволните услови кои ги нуди Општина Охрид во поглед на комуналиите , доколку инвеститорите се одлучат за изградба на објекти од јавен интерес во кои би се отвориле нови работни места за охриѓани. Беше потенцирано и дека Локалната самоуправа прави напори по поволни услови да се градат хотелски капацитети во Охрид , односно дека Општината е пред донесување на уредба со која комуналиите за градба на хотели би се намалиле за 5 % во однос на сегашната актуелна цена. Другата опција која е олеснителна за инвеститорите а ја нуди Општина Охрид е земјиштето да се продава по едно евро за квадрат а да се плаќаат комуналии.
Н.Е.,амбасадорот Хасан Бин Абдула Ал Махмуд ,ги поздрави поволностите за инвестирање во убавиот Охрид кои ги нуди Општината и посака Македонија преку инвестициите во Охрид да се најде на мапата на светски развиените држави во кои крупни проекти реализирала Катарската Влада. Во насока на непречена и брза соработка беа побарани и конкретните податоци од проектот за ски центарот Галичица да бидат доставени до Амбасада на Катар во Македонија.
На средбата беше заклучено дека директните авио –линии Доха –Скопје- Охрид , визното олеснување и добрата реклама за Охрид и Македонија би биле главни предуслови на кои треба да се работи за градов да стане привлечна туристичка дестинација за гости од Персискиот Залив кои поради високиот животен стандард се посакувани во секој светски туристички центар. Во таа насока од страна на почесните катарски гости беа поздравени идеите на градоначалникот Бакрачески на чија реализација се обврзаа двете страни . Едната е да се организира туристичка работилница за тур оператори, туристички работници и новинари од познати катарски медиуми во Охрид, а втората се однесува на организирање на денови на Охрид во Катар, со цел што поблиско претставување на нашите потенцијали пред елитниот свет.
Катарската делегација попладнево со претставник од Општина Охрид беше на обиколка низ локациите во Охрид кои се погодни за инвестирање.
Извор: www.ohrid.gov.mk |