Охрид нуди поволни услови за солидно престојување на секоја категорија туристи. Околу 5000 хотелски и уште 10.000 легла во приватните сместувачки капацитети се нудат по привлечни- промотивни цени. Соба за една ноќ се изнајмува по цена од 300 до 600денари и до 2 000 денари за луксузен апартман во приватниот сектор. Полу пансион во охридските хотели чини од 1 000 до 6 000 денари а за апартманите цената е од 6.000 до 12.000 денари зависно од местоположбата и луксузноста на хотелот.
Цените на пијалаците во повеќето угостителски објекти се дефинирани. Соковите чинат од 60 до 80 денари, пивото од 90 до 120 денари, а цените на кафињата се движи меѓу 50 и 100 денари . Дуќаните за брза храна работат ден и ноќ а ги има на секој агол од градот. Цената на хамбургер е од 90 до 120 денари а пицата на парче се продава од 60 до 80 денари. Традиционалниот охридски варен ѓеврек чини 15 , а бурекот од 40 до 50 денари.
Гостите кои сакаат да патуваат со такси низ градот ќе платат 50 денари за старт и 16 денари за секој одминат километар.
Од почетокот на месец јули до крајот на август во Охрид 24 часа работат неколку продавници за прехранбени производи, три пекари и три бензински пумпи. До раните утрински часови работат бројните кафулиња и дискотеки долж ривиерава.
Лошите временски прилики и дождот битно влијаеја во сезонава која е во тек да имаме благ пад на бројот на домашни гости а радува фактот што според статистичките податоци расте бројот на странски туристи. Добар показател за зголемениот број на туристи во Охрид е наплатата на туристичката такса.
Во однос на 2011-та година кога Општина Охрид наплатила од туристичка такса околу 26 000 евра за месеците април, мај и јуни, за оваа година се наплатени 36 000 евра односно се бележи пораст од 38%. За разлика од лани односно 2013-та година кога се наплатени 40 000 евра, оваа година има пад од само 10% кој што според нашите согледувања ќе се компензираат во месец август – вели Претседателот на Стопанската комора за туризам, Лејла Крстевска.
Локалната самоуправа од Охрид, предводена од градоначалникот Никола Бакрачески постојано работи на подобрување на условите за развој на туризмот.
-Лошите временски прилики , се една од главните или најбитната причини за помалиот број домашни туристи во изминатиов дел од сезонава но јас се надевам дека остатокот од летово ќе ни биде побериќетно. Ние како локална Самоуправа односно Секторот за туризам и локален економски развој постојано комуницира и со туристичките работници и со туристите, го испитува нивното задоволство а ги испитува и сите причини кои што можат да доведат до намелен број на гости во туристичката сезона но предлага и мерки односно активности и дава идеи како да ја подобриме туристичката сезона, изјави при неодамнешната обиколка во туристичката населба Трпејца, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Покрај подобрување на условите за развој на туризмот кои се во прилог на туристичките работници како што е намалување на туристичката и комунална такса,помали се и давачките на угостителите кои пред своите објекти поставуваат урбана опрема.
Со субвенционирање на туристичката такса се стимулираат приватните стано издавачи во Охрид. Висината на субвенцијата изнесува 50 отсто од висината на туристичката такса се со цел да се намалат незаконските дејствија во однос на прикривања на бројот на ноќевања и на наплатата. Туристичката такса изнесува 40 денари по ноќевање од кои 80 отсто одат во општинскиот а 20 во државниот буџет. Угостителите и другите правни лица кои пред своите објекти ќе сакаат да постават урбана опрема, од оваа летна сезона плаќаат пониски цени за закуп и комунална такса. Според програмата за поставување урбана опрема, цената на закуп на метар квадратен чини 250 денари во првата зона, 150 во втората и 100 денари во третата градска зона. Исто така е намалена и висината на комуналната такса од 10 на 7,5 денари. Ваквата одлука е резултат на интензивната комуникација што Локална самоуправа ја има со угостителскиот еснаф од Охрид, така што беа прифатени и дел од нивните барања кои беа насочени кон корекција на цената за закуп на државното земјиште и комуналната такса.
Извор: www.ohrid.gov.mk |