Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ВИКЕНДОВ РЕЗЕРВИРАН ЗА „БАСКЕРФЕСТ“
Untitled Document

На трите плоштади и низ охридската чаршија, утре на 28ми јуни ќе стартува најпознатиот уличен фестивал кај нас „Баскерфест“ 2014, кој за прв пат оваа година се одржува во Охрид.


-          Денес, на општо задоволство на граѓаните и на туристите кој што престојуваат во Охрид и на мое лично задоволство го најавувам настапот на најпознатиот и најпосетуваниот уличен фестивал во регионот, „Баскерфест“, кој за прв пат ќе се одржи во градот Охрид.Граѓаните и гостите кои што престојуваат во Охрид, ќе имаат можност да ги почувствуваат и уживаат во позитивните вибрации на „Баскерфест“ преточени преку настапите во живо на музичките бендови, преку пантомима перформанси, глумата на уличните театри, улични танчери, ликовни изложби и други креативни активности, со што овај фестивал го прават вистински сплет на културно, забавни и уметнички содржини, кои охриѓани ќе имаат можност да уживаат на 28 и 29 јуни, истакна на денешната прес – конференција градоначалникот Никола Бакрачески.


Настапите на артистите ќе бидат со почетокот во 19.00 часот, а ќе се одвиваат последователно еден по друг на плоштадите, со што публиката ќе има можност да ги проследи сите настапи.


-          Уличните фестивали се една своевидна културна атракција во повеќе земји во светот и од тие причини Локалната самоуправа во Охрид сметаше дека е потребно да даде поддршка на уметниците од овај фестивал со што нашиот град ќе се вброи во листата на градови каде што овие улични фестивали претставуваат традиција. „Баскерфест“ претставува најпознатиот, меѓународен, мултикултурен фестивал, признат како најголем настан од ваков вид во регионот. Добитник е на македонските „Superbrend“ награди за 2011/12 и низ годините прерасна во претставителен културен бренд на Македонија, со повеќе од 100 уметници од целиот свет пред повеќе од 100 000 посетители секоја година, додаде Бакрачески.


Новитет во ова издание на „Баскерфест“ ќе биде  самба бендот „Bambarossa“ која плени со својот настап и е прекрасна прилика за забава која треба да се погледне.


-          Ве поканувам да дојдете, да погледнете и да уживате заедно со сите наши артисти. Имаме многу разновидна понуда, имаме шоу со оган,  комичари, жонглери, магионичари и уметници, и сметам дека имаме одлична понуда за забава, истакна Вероника Шијаковиќ, претставник на организациониот одбор на фестивалот „Баскерфест“.


Викендов над 150 артисти ќе бидат задолжени да им приредат несекојдневна забава на охриѓани и туристите, подготвени со своето аудио и визуелно шоу да ги воодушеват посетителите.
 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1311  пати
Објавено на: 27.06.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©