Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПРОМОВИРАН ОТЧЕТОТ ЗА ДВЕГОДИШНАТА РАБОТА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НИКОЛА БАКРАЧЕСКИ
Untitled Document

Точно две години од доаѓањето на функцијата градоначалник, денес во големата сала на општина Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески пред повеќе граѓани и медиумите го промовира отчетот – брошурата за двегодишниот мандат, во кој се набележани сите активности и реализирани проекти. Кога ја баравме довербата од Охриѓани за возврат им ветивме дека чесноста, одговорноста, посветеноста, транспарентноста и отченоста во работата ќе бидат препознатлив знак на нашето секојдневие во локалната.  Денес, точно две години од преземањето на мандатот, јас и мојот тим стоиме пред Вас со одговор на сите прашања во однос на тоа што сме го ветиле и што сме го оствариле за овој период – истакна Бакрачески во воведното излагање. Низ конкретни бројки и параметри од работењето на локалната самоуправа, градоначалникот ги презентира остварените резултати, при што највпечатлив беше податокот за исплатените 491.523.721 денари на општината по сите основи и намалување на долгот на општината за над 175 милиони денари.

Градоначалникот Бакрачески ги презентира и резултатите од работата на јавните претпријатија, посочувајќи дека тие денес го стабилизираа своето работење, а јавното претпријатие “Градски гробишта“ работи со добивка. Инвестирањето во инфраструктурата според обемот на работа и вкупната вредност на инвестициите, зборуваат за најуспешни последователни две години во било кој мандат – рече Бакрачески. Во изминатиот двегодишен период асфалтирани се 66.780 метри квадратни и инвестирани се 27.647.330 денари во градската средина и дополнителни 51.714.287 денари за асфалтирање и реконструкција на патишта и улици во руралните средини, со вкупна должина од 11,6 километри, а во изградба и реконструкција на водоводни и канализациони системи инвестирани се 84.169.000 денари.

Зборувајќи за социјалната политика што ја води општина Охрид, градоначалникот Бакрачески ги посочи: Проектот за стимулирање на  наталитетот во вредност од  2.744.417 денари. Оваа сума е исплатена на  549 мајки кои се породиле во Општата Болница во Охрид.   За субвенционирањето на дел од комуналните трошоци  во износ од 600 денари месечно   за  300 охридски семејства од  социјален ризик , до денес се исплатени 180.000 денари. Трет социјален проект е стипендирањето на талентирани ученици и студенти во вредност од 1.205.500 денари. Исплатени се 2.905.711 денари помош на семејствата чии домови беа опожарени.

Според градоначалникот Бакрачески, областа во која се вложени најмногу енергија, знаење и труд е туристичкиот и економски развој и подобрување на економските перфоманси на општината. За таа цел, изградивме нова стратегија и пристап во привлекувањето на странските туристи и отворање на нови работни места. Со сопствени сили и знаења ја изработивме брошурата “Инвестирај во Охрид“, единствена меѓу  ЕЛС во Р Македонија во која интегрирано се сместени сите податоци за економските и бизнис потенцијали на општината и поволностите за идните инвеститори. За прв пат Охрид се презентираше во седиштето на Советот на Европа во Стразбур, во Прага , во Белград, во Далијан НР Кина. Како резултат на вложените напори, од 14 јуни годинава од охридскиот аеродром “Свети Апостол Павле“, стартува директната авиолинија Охрид- Лондон, а од 1 јули Охрид-Базел. Започнати се градежните активности за подигање на луксузен хотел од светски познатиот бренд “Small luxury hotels”, кој треба да биде изграден за две години – додаде Бакрачески. Инвестициите на двата гиганти од автомобилската индустрија „ОДВ Електрик“и „Костал“ се уште една потврда на приоритетните определби и напори и како Влада на Република Македонија и како локална самоуправа за стопанско заживување на Охрид и креирање нови работни места за локалното население. Се очекува во наредните две години во овие компании да најдат вработување 2000 наши граѓани.

Завршувајќи го своето излагање, градоначалникот Бакрачески ги повика сите присутни да присуствуваат на отпочнувањето на асфалтирањето на улицата “Питу Гули“, еден од девете инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат со заем од Светска банка во висина од 128 милиони денари и порача дека пред нас се две револуционерни години за развојот на Охрид.

- Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот Никола Бакрачески (pdf)

- Отчет на градоначалникот Никола Бакрачески за дел од реализираните проекти Април 2013- 2015 (pdf)

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1336  пати
Објавено на: 03.04.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©