Рано утрово, на градскиот плоштад, заменик градоначалникот Ангел Јанев и Претседателката на советот на град Охрид, Гордана Коњаноска со дел од советниците, ги пречекаа децата кои учествуваа на „Бадниковата литија“ која за прв пат се оддржа по пауза од две децении.
Од име на градоначалникот Никола Бакрачески и од свое лично име заменик градоначалникот Јанев и Претседателката Коњаноска им ги честитаа празниците и им подарија пригодни подароци.
Би сакал сите граѓани да ги видат овие насмеани прекрасни лица. Ја поздравувам иницијативата и се надевам ваквите настани ќе станат дел од празнувањата, – изјави заменик градоначалникот Јанев.
Целта на одржувањето на „Бадниковата литија“ е заживување на една стара, изворна и духовна традиција при прославата на Божиќ.
Долги години наназад поголемите христијански празници се чествувале со литија, како што било и во Охрид, но од одредени причини минатите 20 години традицијата се занемарила. Целта е да се стави акцент на навестувањето на Христовото раѓање, при што дечињата кои учествуваат ги претставуваат ангелите кои го најавуваат раѓањето на Христос, пеејќи ја песната „Вечниот бог“, - изјави Марија Ристеска од организациониот одбор.
Литијата заврши во храмот „Успение на пресвета Богородица – Каменско“ каде на децата им беа подарени крстиња со благослов.
Извор: www.ohrid.gov.mk |