Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денеска во својот кабинет ги прими ученичките од Охрид кои освоиле први места или завидни резултати на републички или меѓународни натпревари по математика и физика, Ангела Трпческа, Христина Митреска , Софија Димоска и менторот на Сања Симоновиќ која веќе отпатува на студии во Америка .
Средбата беше во насока на мотивирање на учениците во понатамошниот процес на освојување на знаења, а во исто време тие да се поттикнат и ориентираат кон постигнување понатамошни успеси како фундамент или есенција во градење на основите и темелите на едно здраво општество.
Градоначалникот Никола Бакрачески на средбата изрази уверување дека и во иднина Локалната самоуправа од Охрид ќе застанува и ќе ја дава поддршката на талентираните ученици кои трагаат по нови успеси.
- Локалната самоуправа во изминативе неколку години прави многу напори со неколку усвоени мерки кои се уште се спроведуваат со цел да ги поддржи овие ученици, а тоа е во делот на стипендирање на талентирани ученици и студенти, доделување на награди , доделување помош за учество на натпревари или покривање на дел од трошоците за учество. Низ една координирана активност на локалната самоуправа, училиштата и менторите на талентираните ученици би требало сите да се насочиме кон спроведување на еден квалитетен процес на настава и воспитување на децата. Најверојатно ќе ги засилиме и кампањските активности со цел да ја подигнеме свеста на општеството односно заедницата за унапредување на образовниот и воспитниот процес во Охрид и со тоа ќе ги поттикнеме учениците да бидат ориентирани кон успехот и освојување на нови хоризонти коишто во иднина ќе бидат употребени за изградба на едно здраво општествено ткиво во Охрид- рече градоначалникот Бакрачески.
Радувајќи се на успесите на талентираните ученици, Охридската локална власт и понатака застанува зад проектите кои се во нивна полза. Во таа насока за период од 2013 ди 2016 општина Охрид има доделено 177 стипендии за талентирани ученици и студенти. Висината на стипендијата за ученици е 1 500 а за студенти 2 000 денари. По оваа основа до сега се исплатени 1 969 000 денари. Проектот продолжува и годинава, а деновиве ќе излезе конкурсот за доделување стипендии кога точно ќе се знае бројката на ученици и износот на средства кој што ќе бидат издвоени за таа за намена.
Инаку охриѓанките Софија Димоска и Сања Симоновиќ веќе се примени на Landon Imperial College во Англија и на MIT Универзитетот во Америка, а нивните успеси треба да бидат поттик за останатите ученици да трагаат по знаења и да освојуваат нови научни хоризонти. Извор: www.ohrid.gov.mk |