На денешаната, 15 –та Седница на Советот на Општина Охрид, како прва точка на дневниот ред, беше информацијата на градоначалникот Бакрачески, за спроведената ревизија на Државниот завод за ревизија во Општина Охрид во перидот од 27.05.2013 до 01.08.2013 година, за претходната 2012 година. Според Законот за ревизија, тоа се однесува на: сметката на основен буџет (630), сметката на основен буџет (637), сметката на приходи на буџет на дотации(930), сметката на расходи на буџет на дотации(937) и менаџерскиот извештај.
Како што истакна градоначалникот Бакрачески, при спроведување на ревизијата на горенаведените сметки биле земени во предвид препораките дадени во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2010 година, при што е утврдено дека најголем дел од дадените препораки не се спроведени. Во целиот Извештај, како што потенцира градоначалникот Бакрачески, најзастапени се изразите: “во спротивност со законот“, “прекршен е законот“, “не е почитувана процедурата“ и слични изрази кои го покажуваат целосното незаконито и неодговорно работење на претходната гарнитура на власт во локалната самоуправа.
Како најиндикативно е резимето на државниот ревизор на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на сметката на основниот буџет (637) на општина Охрид за 2012 година, каде е утврденио дека: дел од расходите во текот на 2012 година се извршени преку пресметки(компензации, асигнации и цесии)во кои не се наведува основот за плаќање, вкупно 40% од плаќањата кои не се реализирани преку платниот промет на трезорскиот систем, што е спротивно на член 25 став 2 од Законот за платен промет и член 18 од Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници.
Следејќи ги препораките на Државниот ревизор, градоначалникот Бакрачески информира дека беше донесен акционен план се со цел надминување на состојбата на финансиска нестабилност. Планот опфаќа формирање на работна група за утврдување на општинскиот долг по сите обврски. Беше извршена класификација на обврските кон доверителите по основ книговодствено евидентирани и книговодствено неевидентирани обврски и беше разграничен долгот по основ главен долг, камата, судски и извршни трошоци.
Изготвен е преглед на целокупниот долг разграничен како долг по извршни решенија со кои е блокирана општинската сметка, побарувања на доверители за кои е во тек судска постапка, недоспеани обврски и неутужени обврски.
Менаџментот на општината одржа состаноци со сите доверители кои со налог за извршување во Трезор, ја имаат блокирано сметката на Општина Охрид со цел договарање на отпис на камата, отпис на процент од главнината, намалување на процесните трошоци и репрограмирање на исплатата на долгот, по динамика која согласно финансиските ресурси на општината нема да го попречи нејзиното редовно работење. Овие преземени мерки имаат за цел да придонесат кон деблокирање на општинската сметка, но притоа договорената динамика на исплата на обврските да овозможи и непречено функционирање на општината.
Извор: www.ohrid.gov.mk |