Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СО СВЕЧЕНАТА АКАДЕМИЈА И КОНЦЕРТ НА ДАУТОВСКИ ЗАВРШИЈА ЧЕСТВУВАЊАТА ПОСВЕТЕНИ НА СВ.КЛИМЕНТ – ПАТРОНОТ НА ОХРИД
Untitled Document

Со свечена академија и концерт на Драган Даутовски, вечерва во Центарот за култура “Григор Прличев“ завршија годинешните чествувања посветени на Св. Климент Охридски, Патронот на Охрид. Пред присутните се обрати градоначалникот Никола Бакрачески, кој  се осврна  на универзалните и цивилизациски вредности на климентовото дело.


-          Божественото дело на Свети Климент Охридски е оној препознатлив и безвременски знак, кој ги исцрта историските контури на духовно и културно воздигнување  на нашиот македонски народ.  Повеќе од 11 века, низ премрежјата на минатото,  преку неговите трајни свети пораки, зрачи неговото слово,  го осветлува нашиот пат и не води кон иднината. Преку Свети Климент ние се поврзавме со Бога, со Свети Климент ја пославме патеката кон духовната надградба, со неговото дело се вклучивме во културното градење на Европа. Овој вон временски великан, светител и просветител ни го подари писмото како основен белег на нашиот идентитет, а на Европа  и ја подари суштината и вредноста на Светиклиментова школа на хуманизмот. Неговото дело е нераскинливо  врзано со Европа и  претставува  драгоцен придонес во  светската цивилизациска традиција. Универзална вредност на Св. Климента , денес не чини уште повеќе исправени и горди чествувајќи го неговото име и дело како  прв словенски архиепископ, втемелувач на Охридската архиепископија, основач на првиот сесловенски универзитет за кого велат дека е постар од Болоњскиот,  просветител и книжевник  кој со своето дело заедно со неговиот духовен брат Св. Наум, Охрид го претворија во центар на ширењето на божјото слово и словенската писменост и култура. Затоа свети Климент Охридски не ни припаѓа само нам, туку му припаѓа на светот и богатата универзална ризница во која белези оставале  сите цивилизации, истакна Бакрачески, кој укажа на фактот дека секоја генерација е побогата и помоќна од претходната затоа што од нејзе како наследство ги презема добрите дела по кои останува запаметена.


-          Безвременото дело на Свети Климент е наша духовна, културна и национална инспирација. Тоа не обврзува да ги следиме и  спроведуваме неговите возвишените совети и световни мудрости и да им пренесеме на помладите дека „ Само од добар корен, никнува здрава фиданка“ . И нас како генерација,  секојдневно не потсетува на обврските  да го почитуваме  минатото, да оставиме свои траги во сегашноста во која живееме и заедно со духот на Свети Климент да помогнеме во осветлувањето на патот, по кој генерации што доаѓаат ќе чекорат кон иднината.  Наша исклучителна одговорност е да го надградиме тој однос кон нашиот град. Охрид заслужува просперитетна иднина. Затоа потребна  ни е целосна посветеност и  вклучување на целиот интелектуален, духовен, културен, политички, економски  и општествен потенцијал, да придонесеме во натамошното надградување на овој вечен град. Знам и верувам ,  дека сите заедно како Охриѓани можеме да го издигнеме сјајот на древниот Охрид и да го промовираме како единствена дестинација во која на божествен начин се испреплетени  природните убавини и вредностите на напредните култури и цивилизации.Тоа е и наш завет кон безвременото и бесценето дело на Свети Климент чиј дух вечно бдее над Охрид и го чува нашиот град и ни помага да опстоиме на нашите определби во зацврстување на неговиот континуитет, рече градоначалникот Бакрачески.


 


Во рамки на свечената  академија беа доделени и  највисоките општински признанија, Светиклиментовата награда  и повелба на годинешните  добитници,  уметникот Јордан Манасиевски  и постхумно  на семејството  од  фолклористот  Слободан Крлески. Пред присутните  се обрати и годинешниот  добитник на Климентовата награда , уметникот Манасиевски кој истакна дека Охрид и понатака ќе биде негова главна инспирација за творење каде и да биде на овој Свет.

- На ова место можеше да биде и некој друг вечерва. Охрид има многу творци во сите сфери на живеењето кои заслужуваат да го добијат ова највисоко општинско признание. Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на мојот пријател и сопатник Љупчо Жупан кој несебично допринесе да го претставам моето творештво низ светот како и на сите кои помогнаа кон животниот предизвик да подарам дел од убавината, светлината и љубовта на светиот град. Со верба во Свети Климент и со верба во љубовта кон човекот ви се заблагодарувам за наградата и посакувам секој да ја почуствува оваа радост во душата, рече Манасиевски.

 

 Манифестацијата  беше  збогатена  со културно-  уметнички перформанси а на задоволство на присутните  академијата  беше  заокружена   со концерт на легендарниот Драган Даутовски.

Свеченостите посветени на Св. Климент- Охридски, Патронот на Охрид, годинава траеја пет дена  во   кои  беше реализирана богата културно – уметничка програма.        

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1340  пати
Објавено на: 08.12.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©