Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ПАТРОН НА ГРАДОТ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ Е МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ „МЕТОДИ ПАТЧЕ“ , А НА ПОВЕЛБАТА ОЛИМПИЈКАТА НИНА БАЛАБАН
Untitled Document

На денешната прес конференција, што се одржа во Куќата на Уранија, беа соопштени добитниците на годинешните највисоки општински признанија. Добитник на наградата Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ е Основното музичко училиште „Методи Патче“ , а на повелбата Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ добитник е Нина Балабан, учесник на на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на свечената академија, што по повод Денот на Свети Климент Охридски, ќе се одржи на 7 декември (среда) во Домот на културата „Григор Прличев“ , со почеток во 19 часот и 30 минути.

-Највисокото општинско признание, наградата Патрон на градот  „Св. Климент- Охридски“ за оваа година ја доделуваме на Основното музичко училиште „Методи Патче “ за делата на многумина кои го создадоа, но и со вера,   дека ПАТРОНОТ  ќе биде инспирација за сите оние кои во моментов се дел од институцијата, како и за оние кои допрва доаѓаат.  Во очи сме на празнувањето на еден голем христијански празник Св. Климент Охридски, празникот на сите охриѓани и на сите Македонци. Локалната самоуправа оваа како и секоја година го доделува  највисокото општинско признание ПАТРОН на град Охрид. За таа цел формираната комисија во состав од Гордана Коњановска (претседател), Климе Шешоски, Ангел Јанев, Тања Паскали- Бунташеска, Зоран Вељаноски- Летра, Цветко Андеевски, Александра Белевска- Таневска како членови на истата, по извршениот увид и следењето на остварувањата на пријавените кандидати и институции врз претходно утврдени критериуми и тоа: општо значење на делото, значење на делото за градот Охрид, афирмираност на институцијата, препознатливост од широката јавност, придонес за афирмација на градот во земјата и надвор..., до мене претпладнево доставија прелог за доделување на наградата Патрон на градот “Св. Климент Охридски”.
Оваа година сум особено радосен бидејќи со највисокото признание ќе се закити една институција која повеќе од 50 години твори и континуирано создава музички таленти кои го афирмираат градот на светлината- Охрид низ светот едновремено радувајќи ги своите сограѓани.
Бројни професионалци го вложија својот креативен труд токму во ова училиште, некои од нив повеќе не се ни меѓу нас, но затоа оставија плејада на свои ученици кои доследно го продолжуваат нивното дело. По иницијатива на граѓани на град Охрид, родители и по предлог на Комисијата, овогодинешната награда Патрон на градот “Св. Климент Охридски” се доделува на Основното музичко училиште Методи Патче.
На ден 20 Јули 1963 година, Собранието на општина Охрид на својата втора заедничка седница на Општинскиот собор и соборот на работните заедници донесло решение за основање на Нижо музичко училиште во Охрид.
Со редовна настава истото започнало на 1 Февруари 1964 година со вкупно запишани 171 ученици. Тие биле распоредени во четири отсеци односно шест оддели. Наставата во првата учебна година ја изведувале двајца редовни и тројца хонорарни наставници како и управителот на училиштето Наум Гаврилоски кој го водел одделот по труба.
За сериозноста на ова образовна институција од нејзиниот почеток сведочи и податокот дека учениците кои не го положиле завршниот испит во подготвителниот оддел според Правилникот на училиштето немале право на повторен упис.
Иако новоформираното училиште работело само едно полугодие на крајот од учебната година  од најдобрите ученици подготвен бил  концерт кој било емитуван на брановите на радио Охрид. Истата година, учениците од дувачкиот оддел учествувале на свеченото отворање на фестивалот “Охридско лето”.
Поминувајќи низ многу турбулентни времиња музичкото училиште опстојува и создава врвни тимови на уметници кои работејќи со многу љубов и внимание ќе преминат преку сите препреки и ќе блеснат како вистински победници.
Во оваа прилика се заблагодарувам на Директорите на музичкото училиште, но и на целиот колектив кој низ годините не штедејќи го својот труд допринесе за издигнувањето на музичката култура во нашиот град, а тоа се првиот директор, Наум Гаврилоски, сега покојниот директор Ѓоко Илиевски, Димче Орачев, Рубенс Наумоски, Петар Димески и директорките Нина Момировска и Емилија Маринова. 
Секако дека нема да ги заборавиме секогаш искрено насмеаниот Методија Бараковски (попознат како чичко Менде) кој иако е пензионер сеуште е еден од најактивните музичари во градот кој е познат и омилен и кај децата од 7 и кај повозрасните од 77 години и од чија вредна рака како професор по виолина ќе поизлезат многу генерации виолинисти.
Стефан Автоски професор по пијано и виолончело. Кој заради љубовта спрема својот роден град Охрид ќе одбие многу понуди за работа во странство и ќе стане дел од колективот на Музичкото училиште. Го препознава талентот на сега покојниот Хилми Билбил и го запишува во музичко училиште, па денес сите ние и се радуваме на една од најпознатите композиции “Бисер Балкански”.
Македонка Котларова- професор по виолина која има учествувано со своите ученици на бројни натпревари освојувајќи врвни награди, Јанина Софкоска- професорка по пиано, Радмила Попоска – професорка по флејта, Љубица Спироска- Улишева- професор по пијано, тука ќе ги спомнам и имињата на поранешните ученици кои работеле и работат во музичкото училиште Билјана Зафировска, Мухамед Бајрам, Ирена Веруш, Гоце Гаврилоски, Ана Булоска, Даниел Чуркоски, Христијан Гаврилоски, Емилија Маринова, Александар Крстаноски, Невена Танеска, Ана Ѓорѓиоска, Петар Танески, Лилјана Булоска, Наумче Џуклески, Кирил Белистојаноски, Христина Пецакоска Николеска.
Многу ученици на овие големи учители  и ден денес се занимаваат со музика. Да не беше музичкото училиште никогаш немаше да уживаме во звуците на нажалост сега покојниот Илија Зимбо, ведриот Влатко Плевнеш, Васко Дукоски кој е дел од авангардната сцена во Њујорк, Владимир Василески- Четкар гитарист, вокалист, композитор еден од најнадежните имиња во џез-соул и фанк жанрот во светот, Наташа Попоска- Поповиќ со освоена втора награда на натпревар по пијано во Чикаго, Владо Пупиноски- кларинетист и еден од основачите на Македонско- американскиот културен и образовен центар, Џеват Рамаданоски, Бурим Кадри професор по музика, Ева Нединкоска, Горан Папаз, Ѓоко Алоски и многу, многу други наши сограѓани кои освоија врвни награди во рамките на државата, но и надвор од неа, носејќи го и промовирајќи го Охрид во срцата, исполнувајќи ги животите на многу свои сограѓани со ноти, ведрина и љубов. Бројката на награди и признанија е импозантна, 106 награди на државните, 35 награди на меѓународните натпревари, 11 специјални награди на домашната и меѓународната сцена, и  уште многу други за кои сум убеден дека ќе бидат освоени-
соопшти на денешната прес конференција градоначалникот Никола Бакрачески.

Председателот на Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија при Советот на општина Охрид Дејан Паноски ја образложи одлуката, на Нина Балабан да и биде доделена Повелбата- Патрон на градот „Свети Климент Охридски“.

-Во предвечерието на големиот Свети Климентов ДЕН , имам чест пред сите вас како Претседател на Комисијата за доделување награди и признанија.....да го објавам името на добитникот на Повелбата Св.Климент Охридски за 2016 година.

Охрид имал и ќе има свои граѓани кои ќе го слават и прославуваат, кои ќе го презентираат неговото име, кои ќе го раскажат и покажат низ целиот сцет и тоа во разни области. Граѓани заради кои секој од нас може да биде горд и гордо да го практикува охридизмот како филозофија, како вредност, како вистина.И додека на оние кои изоделе подолг пат градот ќе им се поклони со награда и помнение, со нас имаме и генерација која секојдневно ддодава на вредноста на Охрид , која веќе го промовира во светски рамки и генерација за која денес не постојат граници.Секоја генерација во секоја од областите на Заедништвото. во себе си носи свој симбол и идол околу кој се обединува, идентификува и ја гради иднината на својот град.

Токму таа генерација но и целиот град ова лето 2016-то преку своите модерни норми на комуникација како што се социјалните мрежи, се идентификуваше и гордееше со својата сограѓанка која Охрид токму годинава го промовираше на највисокото можно место и настан од својата сфера. И тоа онаа сфера која е најголемиот промотор како на вистинските вредности и резултати, така и промотор на својот град и земја. Не дека нашата сограѓанка немаше и пред тоа врвни резултати па и награди, но местото и настанот на кој го промовираше Охрид беше највисокиот врв. Олимпијада, олимпизам, цел свет.

Почитувани , чест ми е да објавам дека Комисијата едногласно и без дилема одлучи на Повелбата Св.Климент -патрон на Охрид за 2016 година да ја додели на НИНА БАЛАБАН – учесник и преставник на Македонија на Олимписките игри во Рио де Жанеиро. 2016.

Нина Балабан е родена на 2 Ноември 1995 година и својата кариера ја изградила во Стрелачкиот Клуб во Охрид. И од тука отпочнале успесите. Повеќекратен државен првак и рекордер. Учесник на Европски и светски првенства, освојувач на медали , амбасадор во ИОК, моментално 68 на светската ранг листа во својата дисциплина стрелање 10 метра со ревоздушна пушка. И врвот на се , учеството на Олимписките игри во РИО под македонското знаме и со Охрид во срцето. Немаме друг епитет освен да бидеме горди со Нина што е наша сограѓанка, охриѓанка.

Охрид можеби нема да има којзнае колку олимпијци па затоа нивните имиња треба да се скапоцени и да влезат во меморијата на охриѓани. Но,  ова доделување на Повелбата на млад спортист, олимпиец, е повеќе од само спортска и има многукратно значење. Тоа е гордост за повозрасните охриѓани да видат вредно нивно наследство, тоа е мотивација за младите охриѓани и знак дека имаат идол кој треба да го следат. И тоа тој идол  е спортски. Тоа е мотивација дека Охрид дава иднина и услови за резултат. Но, воедно тоа е мотивација и признание за сите спортисти од градот и поттик за нивни повисоки достигнувања. Нашата Олимпијка и Олимпизмот воопшто, нека им бидат обединител во желбите и реалноста и на таеквондо спортистите и на останатите стрелачи, но и на кошаркарите, на ракометарите, атлетичарите и другите кои го вратија државниот спорт во градот Охрид. А секако најголем поттстрек нека биде за водените спортови, пливачите, веслачите, кајакарите, едриличарите кои се симбол на Охрид и кои се надевам брзо ќе доживеат ново воскреснување, успеси и промоција.

Охрид во Нина Балабан доби свој нов Олимпиец, свој промотор и симбол, нов  Светиклиментов бисер . Наше е да си ги чуваме сите бисерите, да ги нижиме и герданите да ги градиме што подолги- рече Дејан Паноски, председател на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување на награди и признанија.

Годинава, на јавно објавениот оглас, за двете највисоки признанија имаше по шест предлози.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1438  пати
Објавено на: 06.12.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©