Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ЗАПОЧНА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТ ЗА ИЗГРАДБА НА СОВРЕМЕНА АВТОБУСКА СТАНИЦА ВО ОХРИД
Untitled Document

Охрид ќе добие современа автобуска станица. Реномираната транспортна фирма и туристичка агенција „Делфина Турс“ од Скопје која по неодамна одржаната јавна лицитација за продажба на градежно земјиште стана сопственик на градежната површина од 11 997 м2 за две односно најдоцна за четири години треба да ја изгради современата автобуска станица во Охрид.

Почетокот на овој крупен проект денес беше официјализиран со потпишување на договор за соработка помеѓу градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и сопственикот на „Делфина Турс“, Аднан Исмаил.

Градоначалникот Бакрачески изразувајќи надеж дека во договорените законски рамки ќе биде завршен овој крупен, капитален проект, истакна дека инвеститорот на сметката на општина Охрид веќе уплатил 41. 833. 540 денари.

-Од постигнатиот износ по продажбата на земјиштето 80 % одат за општина Охрид а 20% за Министерство за транспорт и врски. Тргнувајќи од фактот дека инвеститорот до сега ги почитува и во предвидените временски рамки ги исполнува законските обврски по објавениот оглас, очекуваме целиот проект да биде реализиран без никакви задоцнувања, рече градоначалникот Бакрачески и додаде дека објектот е предвидено да има приземје , четири ката и поткровје.

-По солемнизацијата на денес потпишаниот договор, инвеститорот треба да прибави извод од урбанистичкиот план за изработка на урбанистичко – архитектонски проект за комплексот со што ќе бидат дефинирани содржините согласно урбанистичкиот план, рече градоначалникот Бакрачески и се осврна на значењето на овој крупен проект.

- Новата автобуска станица ќе отвори сосема нови перспективи за градот Охрид. Знаете дека, за жал во изминатиов период имавме импровизирана автобуска станица којашто беше неугледно место за гостите и туристите кои тука го остваруваа својот прв контакт со Охрид. Со изградбата на современата автобуска станица ние сметаме дека овој дел од градот на некој начин ќе претставува втор центар каде што во иднина ќе се градат и други објекти кои што ќе допринесат во заживувањето на овој дел од Охрид. Секако, автобуската станица ќе биде прв добар впечаток за гостите и туристите кои ќе стапнат на охридско тло. Со оваа инвестиција, покрај тоа што ќе се наполни градската каса со над половина милион евра, ќе се придонесе и за отворање на нови работни места, ангажман на помали фирми кои ќе работат на објектот како и ангажман на поголема градежна оператива, што пак ќе донесе директен финансиски импут во локалната средина бидејќи се работи за инвестиција во објект вреден милиони евра, додаде градоначалникот Бакрачески.

Сопственикот на транспортната фирма и туристичка агенција „Делфина Турс“, Аднан Исмаил се заблагодари на градоначалникот Бакрачески за неговата визија која битно допринела Охрид да .добие модерна автобуска станица.

-Новата автобуска станица ќе значи просперитет, афирмација и враќање на имиџот на овој преубав град. Им ветувам на охриѓани дека ќе имаат најубава автобуска станица во цела Македонија и пошироко во регионот, рече Исмаил.

Новата современа автобуска станица беше едно од ветувањата на градоначалникот Никола Бакрачески кое успешно се реализира.


Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1437  пати
Објавено на: 06.05.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©