Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СО ПРОСЛАВИТЕ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА РИБАРИТЕ ДЕНЕС СЕ ЗАОКРУЖИЈА ПРАЗНУВАЊАТА ПОСВЕТЕНИ НА БОГОЈАВЛЕНИЕ- ВОДИЦИ
Untitled Document

Со музика и песна во духот на христијанските празнувања, од утрово започнаа прославите посветени на Вториот ден Водици односно Денот на рибарите. Бројни охриѓани и гости  го преплавија езерскиот кеј и малиот плоштад каде по повод празникот, во голем казан професори и  ученици од средното Угостителско и туристичко училиште “Ванчо Питошески“, приготвуваа два тона рибна чорба.

- Предвидено е со чорбата да се наполнат 7 000 порции за посетителите кои можат истите да си ги понесат и дома. Во чорбата ставивме 500 килограми риба и друг зеленчук потребен за неа , објасни  еден од готвачите професорот по готварство со практична настава во училиштето, Блаже Јорданоски. 

Покрај рибна чорба за посетителите на малиот плоштад  се нудеше и еден тон плашици  но и  1 000  убаво спакувани порции традиционален специјалитет- пача, приготвена од студентите на Факултетот за Туризам и  Угостителство од Охрид.

Кулминација на празничното случување се постигна со традиционалното групно капење и пливање до петте буриња со вино од кои едно најпосакуваното со црвено а останатите четири со бело вино. Вчерашниот   фаќач на Чесниот Крст  Петар Рупески и денес беше еден од најсреќните охриѓани, затоа што успеа прв да доплива до бурето со црвено вино, по што од Здружението за афирмација на МПЦ “Богојавление“, доби реплика на  Чесниот Крст  а  градоначалникот Никола Бакрачески кој беше еден од  годинешните кумови на Водици го дарува со златник со ликот на Св. Јован Крстител.

-Случувањата во овие два дена ме наведуваат да очекувам, добро здравје и  вработување во оваа година а зошто да не и женидба , рече најсреќниот охриѓанец Петар Рупевски кој и минатата година на Денот  на рибарите прв  доплива до бурето со црвено вино.           

Со денешните празнувања се заокружија четири дневните прослави посветени на најголемиот и најмасовен христијански празник Богојавление – Водици.
Градоначалникот Никола Бакрачески јавно го честита денешниот празник, и се заблагодари на сите  чинители кои се вклучија во одбележувањето на празникот посветен на Појавувањето на Бог.  

-Се надеваме дека од година  во година празнувањето на денот на рибарите ќе добива на се поголема масовност и ќе премине во светска туристичка манифестација. Уште еднаш  ја користам оваа прилика да се заблагодарам на Здружението за Афирмација на Македонската Православна Црква “Богојавление“, на Црвениот Крст , на Капетанија на нуркачкиот клуб “Амфора“ на  Секторот за Внатрешни Работи -Охрид и до сите останати правни субјекти кои зедоа активно учество во  четири  дневната прослава  по повод големиот христијански празник  Богојавление – Водици , рече градоначалникот Бакрачески.

Инаку, годинава за Богојавление – Водици Охрид имаше рекорден број посетители според организаторите нивниот број беше на 20.000.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1263  пати
Објавено на: 20.01.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©