Одделението за локален економски развој и Канцеларијата за стручна поддршка на развојот на земјоделието при Секторот за туризам и ЛЕР на Општина Охрид, согласно својата стратегија за интензивирање на локалниоит економски развој, започнаа со реализација на едукативни работилници за можностите кои ги нудат новите измени на ИПАРД Програма 2007-2013 и новата програма 2014–2020 и начинот на користење на средствата.
Во склоп на овие активности во просториите на некогашната Општина Косел, на 6 август се одржа едукативна работилница за селата Косел, Опеница, Вапила, Лескоец, Ливоишта, Велгошти додека на 7 август во просториите на школото „Св.Наум Охридски“ едукативна работилница се одржа за жителите на селата Елшани, Пештани, Коњско, Трпејца и Љубаништа.
Во непосреден контакт и разговор со потенцијалните корисници на оваа програма беа изложени можностите и потенцијалите кои ги нуди оваа програма и анализирани причините за слабостите кои во изминатиот период резултираа со поразителна бројка на поднесени проектни апликации од страна на граѓаните и правните лица.
Земјоделците, производителите на храна, инвеститорите во делот на руралниот туризам и угостителски капацитети, најдиректно беа запознати со можностите кои ги нуди ИПАРД програмата, начинот и условите на аплицирање и потребната документација за Јавниот повик 1/2013 ги опфаќа следните мерки:
101- Инвестиции на земјоделски стопанства за преструктуирање и надградба до стандардите на Европската Унија
103-Инвестиции за преработка на земјоделки и рибни производи за преструктуирање и надгрдба до стандардите на Европската Унија
302- Диверзификација и развој на рурални економски активности
Една од нашите основни цели пред се е да ја надминеме таа психолошка бариера и скептицизам кај потенцијалните корисници, во однос на достапноста на овие средства, да ги мотивираме во идниот период да доставуваат што повеќе апликации за проектите кои сакаат да ги реализираат .
Невероватно звучи податокот ако знаеме дека само на потегот од Велгошти до Љубаништа граѓаните инвестираат во изградба или адаптација на голем број на објекти во делот на туристичко угостителските услуги а ниту еден од нив до сега не ги искористил поволностите што ги нуди оваа програма во мерката 302 за добивање на финансиски средства за кофинансирање на истите. Тоа е случај на целата територија на општината.
Иако Општината и Секторот за туризам и локален развој не се директно надлежни за процедурите околу реализација на ИПАРД програмата, наша стратешка заложба и интерес е да ги вложиме сите наши знаења и капацитети за запознавање со условите на програмата и доближување до корисниците се со цел максимално да се користат овие поволности во идниот период преку што поголем број на поднесени проекти и апликации – истакна Горан Мицкоски, претставник на Секторот за туризам и ЛЕР.
Ваквите едукативно-информативни работилници со граѓаните ќе продолжат и во идниот период.
Извор: www.ohrid.gov.mk |