Со низа активности денес продолжија чествувањата по повод Св. Климент Охридски, патронот на Охрид. Рано утрово во црквата посветена на Светецот на Плаошник, охриѓани се поклонија пред неговите мошти по што следеше полагање свежо цвеќе пред споменикот изграден во негова чест во ОУ “Св. Климент Охридски“.
Точно напладне на градскиот плоштад во чест на Заштитникот се одржа културно уметничка програма по што Градоначалникот Никола Бакрачески, претставници од охридскиот Совет, од двете најголеми политички партии: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и десеттина странски делегации положија свежо цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски.
По повод 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Народна Република Кина и Република Македонија, во 13 часот во куќата на Робевци, Градоначалникот Бакрачески во присуство на амбасадорот на НР Кина во Р. Македонија и пред бројната публика ја отвори фото – изложбата “Убава Кина“
-Ова е најубав начин да се доближат убавините на Кина, егзотиката и волшебните мистични предели претставени преку фотографии од врвни кинески мајстори на фотографијата. Ова е ретка прилика во која можат да уживаат љубителите на уметноста во мојот град Охрид и Република Македонија.
Во оваа прилика сакам да спомнам дека една голема земја која има една третина од денешното човештво на најубав можен естетски начин го освојува Светот, бидејќи само естетското освојување на Светот е единствена можност за вистинска хуманизација на денешната цивилизација, тргнувајќи од максимата на големиот Македонец Гоце Делчев „ЈАС ГО РАЗБИРАМ СВЕТОТ КАКО ПОЛЕ ЗА КУЛТУРЕН НАТПРЕВАР ПОМЕЃУ НАРОДИТЕ“, во случајов оваа изложба не претставува ништо друго освен натпревар на убавината и естетиката.
Ви посакувам да ги доживеете ретките уметнички чувства што ги нуди оваа поставка и горд сум што имаме ретка можност да уживаме во едно бескрајно фотографско патување на уметниците од нашиот голем пријател Народна Република Кина, потенцира Бакрачески.
Половина час подоцна исто така во куќата на Робевци Претседателите на Советите од општините: Охрид и Стар Град – Сараево, потпишаа Повелба за меѓусебна соработка.
- Со оваа соработка го пополнуваме мозаикот на братски градови од останатите земји од регионот, при што се препознаени можностите за меѓусебна соработка и реализирање на плановите за кои претходно се разговараше. Се надевам дека ова пријателство ќе вроди со низа заеднички успешни проекти, рече претседателката на охридскиот Совет,Гордана Коњановска.
- Охрид е специфичен град поради културата и туризмот , како што е случај и со градот Сараево. Се надевам дека во иднина заедно ќе соработуваме во повеќе области, со цел понатамошен развој и на двете земји, изјави претседателот на Совет од Стар Град, Ведран Дедиќ.
Чествувањата во чест на Св. Климент Охридски заштитникот на градов се заокружуваат вечерва со свечената академија што ќе се одржи во ЦК Григор Прличев со почеток во 19 часот.
Извор: www.ohrid.gov.mk |