Вршителот на должноста директор на општинското јавно претпријатие „Охридски Комуналец“, Елена Скрческа, денеска пред јавноста ја образложи затекнатата финансиска состојба во претпријатието.
При извршените анализи во овој период констатирано е дека вкупниот долг на ЈП „Охридски Комуналец“ изнесува 93.776.000 денари од кои 49.956.000 денари се обврски кон добавувачи, 16.491.000 денари обврски кон кредити, а за извршни судски обврски претпријатието долгува 27.329.000 денари.
Дел од овие обврски се наследени пред поделбата на јавното претпријатие која е направена без елаборат за економската оправданост и без делбен биланс – истакна в.д. директорката Скрческа.
За 2012 година по основ репрезентација се евидентирани трошоци во висина од 616.000 денари, додека за периодот Јануари – Март 2013 година за ваква услуга исплатени се 408.000 денари, сума која приближно одговара на сумата потрошена за цела 2012 година.
На денешната прес конференција беа наведени и недостатоците од оперативна природа кои го отежнуваат нормалното функционирање на претпријатието.
Иако во последните три години се исплатени 14.430.000 денари за возила, сепак се јавува недостиг од возен парк и механизација, но и покрај овие проблеми ЈП „Охридски Комуналец“ се залага да одговори на барањата на граѓаните и правните субјекти во извршувањето на услугите.
И покрај проблемите со кои се соочуваме, меѓу кои е и преголемата администрација, ќе се залагаме за зголемување на економичноста, рентабилноста и пред се ликвидноста преку наплата на побарувањата
–рече Скрческа.
Одговорното, транспаретно и чесно работење ќе биде приоритет во работата на ЈП „Охридски Комуналец“ како и на останатите општински јавни претпријатија.
Извор: www.ohrid.gov.mk |