Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НИКОЛА БАКРАЧЕСКИ ПО ПОВОД 23 ОКТОМВРИ- ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА
Untitled Document

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври  - Ден на македонската револуционерна борба, упати честитка до  охриѓани, до граѓаните на Република Македонија и до сите Македонци ширум Светот. 

– Чествувајќи го   23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба се потсетуваме  на  првата семакедонска организација и нејзината најголема цел да го обедини македонскиот народ и да ја исполни исконската  желба за слободна Македонија. Македонската револуционерна организација е  темелот  на македонското револуционерно движење за ослободување и државност на Македонија и е вистински култ на македонскиот непокор.  На нејзините  основи,  преку  Крушевската Република во 1903, државотворниот АСНОМ од 1944 и прогласувањето на независноста на Македонија во 1991  година, ние   го задржуваме   континуитетот во достојно  продолжување на  идеалите на следбениците на македонската револуционерна борба за  создавање самостојна, демократска, правна, силна и модерна Република Македонија.

Идеалите за сопствена држава се пренесувале од колено на колено, се до конституирањето на слободна, независна и самостојна Република Македонија.  Денес сплотени во победите и поразите, со стремеж и надеж за создавање на слободна и самостојна македонска држава ја славиме храброста и подвизите на македонските револуционери, кои со чисто срце го создаваа вековниот идеал за нашата една и единствена Македонија. Денес живеејќи го  сонот на Илинденците  не забораваме дека  наша должност и завет е достојно да ги продолжиме нивните  идеали.
Поклонувајќи се на генерациите пред нас, горди на минатото, сите заедно цврсто  чекориме кон иднината подготвени за нови предизвици. Секоја генерација си има своја борба. Нашата  е да го подобриме животот на нашите граѓани, во силна држава, развиено, демократско и економски  просперитетно општество.
Делата на нашите предци се неодминлив атрибут на нашиот идентитет. Без минато нема самосвест  и идентитет, нема сегашност и иднина. Токму затоа вечна им слава на нашите револуционери!
Да ни е честит   23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!- стои во честитката на градоначалникот Никола Бакрачески по повод  Денот на македонската револуционерна борба.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1308  пати
Објавено на: 22.10.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©