Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
КАКО НИКОГАШ ДОСЕГА СЕ ВЛОЖУВА И ИНВЕСТИРА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ОХРИД
Untitled Document

По денешната прес конференција на охридските социјалдемократи на тема образование, секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески,  изјави.

-Денешната прес конференција на СДСМ во однос на образованието генерално можеме да ја сведеме на три лицемерни поенти. Првата лицемерна поента е фотографијата којашто беше објавена од  училиштето во с. Трпејца. Ако од СДСМ, одеа меѓу  трпејчани како што тоа го направи градоначалникот Никола Бакрачески и неговиот тим и ако ги прашаа кои се нивните потреби во однос на тоа училиште, луѓето ќе им го кажеа следново: дека и понатаму им треба опстојување  на  училишната паралелка којашто вклучува пет дечиња и наставничка,  дека треба  подобрување на  условите во  едната училница во која што учат  како и  изградба на тоалети. Ова се скромните барања на жителите на с. Трпејца коишто градоначалникот Бакрачески веднаш преку стручните служби  и јавните претпријатија ги реализира по што луѓето се задоволни. Денес, СДСМ објавува фотографија  на училиштето во Трпејца небаре таму учат стотина деца. Втората лицемерна поента којашто произлезе од денешната прес конференција на СДСМ е душегрижничкиот однос  за вработените во образованието коишто треба да бидат предмет на интерес на Законот за трансформација  на работен однос. Во однос на овие законски определби јас го искажав своето мислење и на седницата на Советот.   Иако, од СДСМ законот за трансформација  на работен однос донесен од оваа  Влада го користат со цел да соберат ситни политички поени, а сите реформи во образованието ги критикуваат и нарекуваат погубни, оваа  лицемерна поента со факти ќе ја оспориме, од причина што  јавноста знае дека за едно лице да може да биде предмет на интерес на Законот за трансформација на работен однос  потребно е претходно некој соодветно да го има регулирано неговиот статус во рамките на образовните и воспитни институции. Градоначалникот Никола Бакрачески откако ја раководи Локалната самоуправа , сите вработени на определено време во рамки на детските градинки и училишта имаат регулиран статус и добиваат редовен месечен надоместок. Тоа беше основниот услов  за овие луѓе да станат предмет на интерес на Законот за трансформација. Ако се потсетиме на минатото кога СДСМ владееше со Охрид ќе дојдеме до заклучок дека секогаш во период на избори оваа политичка партија смислуваше разни проектни активности во рамки на  градинката,основните и средни училишта  кога ангажираше голем број лица на кои и по нивната чесно  завршена работа никогаш не им ги исплќаше месечните надоместоци. Актуелната локална самоуправа на чело со градоначалникот Бакрачески склучи спогодби со сите луѓе кои чесно и поштено си ја завршиле работата во минатото но не добиле паричен надоместок  од страна на минатото локално раководство. До ден денес тие долгови  на рати се исплаќаат кон луѓето кои во суштина се најреални сведоци за овој процес.Третата лицемерна поента на прес конференцијата од СДСМ за која ми е дегутантно да зборувам  на таа тема е имањето или не  раководител на Секторот за образование.  Имено, и во тој дел Законот за административни службеници им дал прецизен одговор што се случува со определен сектор  кога во него не е именуван раководител. Во рамки на Секторот  за образование работат стручни луѓе кои домаќински се грижат да се спроведуваат тековните политики  и проекти а по функција Секретарот на општината  е одговорен за секторите каде нема назначено раководител –објасни секретарот Спасески,подвлекувајќи дека има голема разлика во начинот на менаџирање на образовните институции во минатото и денес.
- Ние наследивме тендер којшто за превоз на ученици на територијата на Охрид, општината ја чинеше 38 милиони денари. Непосредно по преземањето на локалната самоуправа и објавувањето на тендерот за превоз на ист број ученици  од прилика со иста цена на нафтата, општина Охрид постигна цена од 23милиони денари. Прашањето е многу едноставно, Каде оделе овие средства, каде се слевала оваа разлика од  цели 15 милиони денари?Дали оваа разлика меѓу тендерите, од СДСМ ја правеле со цел да може да имаат некои бенефити во однос на нивните тогашни партиски активности- запраша Спасески кој посочи дека истото се случувало и со тендерите за нафта наменета за огрев на основните и средни училишта.

Меѓу другото секретарот Спасески посочи дека СДСМ и ги  предала училиштата на актуелната локална власт  без имотни листови и нерешени имотно правни прашања. Воедно тој посочи дека само во 2015 година  за образованието  во Охрид  се наменети 900. 000 евра директни пари. Се интервенирало  во четири основни  и две средни училишта а се  отворени и  групи во посебни просторни услови во рамки на ЈУДГ „Јасна Ристеска“.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1364  пати
Објавено на: 17.03.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©