Дефицитарните занимања и занаетите во изумирање ќе бидат ослободени од плаќање на комунална такса , со што се прави чекор за заживување на занаетчиството во Општина Охрид. Ова денеска го соопшти градоначалникот Никола Бакрачески на средбата со Сашо Богоески , претседател на Занаетчиската комора од Охрид.
Согласно со одредбите на Законот за комунални такси и препораките на Владата на Република Македонија , од плаќање комунални такси ќе се ослободат ковачите, грнчарите, лимарите, казанџиите, копчарите, свеќарите, крзнарите , изработувачите на сувенири и ракотворби, јорганџиите , опинчарите и саатчиите.
-Локалната самоурава , во законски пропишана постапка , ќе донесе одлука за ослободување од плаќање комунална такса за дефицитарните занимања и занаетите во изумирање. Како градоначалник на Охрид , сметам дека покрај ваквото олеснување во иднина треба да се бараат и други форми за стимулирање на развојот на занаетчиството . За Охрид тоа е особено важно , зошто занаетчиството е цврсто поврзано со развојот на туризмот – рече градоначалникот Бакрачески.
Претставниците на Занаетчиската комора изразија благодарност за ослободувањето од комунална такса и средбата ја искористија , на градоначалникот Бакрачески да му ги презентираат проблемите и идните проекти. Претседателот на занаетчиската комора Сашо Богоески истакна дека за спас на старите занаети , што се во изумирање , ќе организираат неколку проекти за обука на млади луѓе.
На средбата беше договорено , Општина Охрид и Занаетчиската комора , на крајот на месец август , заеднички да организираат Саем на занаетчиството , со што , како што беше речено, ќе се придонесе за продолжување на туристичката сезона во Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk |