Охрид ќе добие современа пешачко- рекреативна зона од каналот Студенчишта до каналот кај“ Парк“ изградена и уредена по највисоките светски стандарди. Патеката ќе биде со вкупна широчина од 12 метри и должина од 1 390 метри. Средствата се обезбедени со гранд од ИПА програмата - 2007 до 2013, на која Општина Охрид заеднички аплицира со Општина Воден од Грција, Солунскиот институт “Александар“ и Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.
-Ова е проект со вредност од околу 533 илјади евра од кои еден дел припадна на република Грција , а 210 000 евра на Република Македонија од кои 150 000 евра за Општина Охрид и останатите 60 000 евра на факултетот за туризам и угостителство. Сакам да истакнам дека ова е прв пат во историјата на Охрид, општината да добие проект од ИПА програмата, рече градоначалникот Никола Бакрачески посочувајќи дека средствата добиени преки проектот за прекугранична соработка се резултат на макотрпната работа што службите во Општина Охрид во изминатиов приод од една година ја имаа во проектната единица која што работи во рамки на Секторот за туризам и Локален економски развој ,со кој што во континуитет до сега од различни институции од земјава и меѓународни фондови беа добиени 10 проекти, ова е 11-ти, со вкупна вредност од околу половина милион евра.
-Со првиот дел од средствата во висина од 105 000 евра , според проектот кој што претходно беше изработен би требало да се реализираат 200 м од оваа рекреативно пешачка патека, а останатиот дел ќе се реализира со средства од локалната Самоуправа,додаде градоначалникот Бакрачески .
Патеката ќе содржи две пешачки зони со широчина од четири метри и уште две патеки од страните за ролери и велосипеди со широчина од по еден метар. Оваа пешачко рекреативна зона која ќе биде најмодерна во Република Македонија ќе биде адекватно и хорти културно уредена со целокупна комунална инфраструктура со современо осветлување . Истата ќе има дел за пешаци и стојалишта за одмор со клупи и фонтани .
Се очекува веднаш после изборите општината да објави тендер за избор на најповолен изведувач , по што ќе се започне со реализација и изградба на патеката.
Извор: www.ohrid.gov.mk |