Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БАКРАЧЕСКИ НА ФЕСТИВАЛОТ НА ФРАНЦУСКИОТ ФИЛМ ВО ОХРИД
Untitled Document

Во рамки на седмото издание на  фестивалот  на Францускиот филм што годинава се одржува од 18 до 22 јуни во Скопје и Охрид, синоќа  во Центарот за Култура “’Григор Прличев“ во Охрид  се одржа    проекцијата на филмот посветен на познатиот француски моден креатор Ив Сен Лоран.

Пред почетокот на проекцијата на гостите и охридските почитувачи на филмската уметност им се обрати градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески: 


- Франција ги има браќата Лимиер, а Македонија браќата Манаки. Во 1905 година со својот прв филм тие ги удриле темелите  на македонската кинематографија која за разлика од француската бројно не е толку богата, но во себе крие филмови со високи естетски квалитети и историска димензија како сведоштво за битисувањето на Македонецот. Најважно е  што македонскиот филм  последниве децении успева да излезе од Балканските рамки со учеството на престижни филмски фестивали и добиените награди низ светот, рече Градоначалникот Бакрачески кој говорејќи за македонско – француските културни врски и за отворањето на Охрид кон светот и посебно кон филмот како уметност , додаде:
 - Мојот Охрид – нашиот и вашиот Охрид со безбројните и прекрасни визури и езерото бил,  е и ќе биде природно филмско студио. Многу кадри и филмски реплики се забележани на филмската лента.   Тој е инспирација за многу сценаристи и режисери. Со радост ја примив информацијата дека наскоро Македонија и Франција ќе потпишат договор за  филмски копродукции. Не се сомневам дека Охрид и во иднина може и треба да биде нивна база,
потенцира градоначалникот Бакрачески. 


Охрид во рамките на овој фестивал годиниве наназад ги почестил со своето гостопримство: Шарл Азнавур, Клод Лелуш и ред други светски познати синеасти кои оставиле трага во пребогатата француска филмска историја.


-Како Локална власт и градоначалник, целосно ја поддржуваме идејата наскоро во Охрид да биде отворена Катедра на позната Чешка филмска академија ФАМУ, а догодина Охрид ќе биде домаќин на фестивал посветен на Европскиот филм.
За Охрид нема граници ние целосно се отвораме кон светот. Сакаме Охрид да го внесеме во светот , ама и светот да дојде во Охрид,
додаде Бакрачески.


 
Пред љубителите на францускиот филм на покана на градоначалникот Бакрачески се обрати и амбасадорката на Република Франција во Македонија госпоѓа Лоренс Оер.

 -Ние сме среќни што заедно со Францускиот институт и со Француската амбасада сме тука и можеме да го претставиме седмото издание на Францускиот фестивал во Македонија. Меѓутоа не можевме да замислиме тоа да се случи без да дојдеме тука во Охрид,рече Оер.

Пред проекцијата на филмот, амбасадорката Оер срдечно му се заблагодари на градоначалникот на Охрид за неговата неодамнешна посета на францускиот град Каен – Долна Нормандија.

-Господине градоначалник би сакала и пред Вашата публика да спомнам дека Вие бевте единствениот претставник од македонските власти којшто учествуваше во одбележувањето на „Денот Д“ – во сеќавање на Првата светска војна – минатата недела во Франција меѓу триесетината шефови на држави.Токму поради тоа Ви се заблагодарувам, истакна Оер.

Француската амбасадорка нагласи дека Франција ќе продолжи со презентирање на француски филмови од септември во Охрид  и во други градови низ Македонија. Таа рече дека  организираат кино клубови бидејќи сметаат дека не е доволно одржувањето само на овој голем и значаен настан, каков што е фестивалот за да се анимира француското присуство во Македонија.
 Во рамки на Фестивалот на Францускиот филм, годинава  публиката ќе  проследи  девет долгометражни, четири кратки и еден документарен филм.
„Златната маска“ на фестивалот која е уште едно обележје на Охрид годинава ќе му биде доделена на режисерот Фредерик Шендорфер во недела на затворањето на фестивалот во Скопје

.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1305  пати
Објавено на: 20.06.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©