Во рамки на денешната обиколка, градоначалникот Никола Бакрачески направи увид на патеката од каналот „Студенчишта“ до хотел Парк каде во тек се градежните активности за реконструкција на третата фаза од патеката.
Според најавите патеката која е со вкупна должина од 1300 метри треба целосно да биде реконструирана во месец септември или почетокот на месец октомври годинава .
-Знаете дека претходно ги завршивме првите 420 метри, а во овој момент се работат преостанатите 940 метри од патеката. За едниот дел средства се обезбедија од ЕУ фондовите односно од ИПА програмата за прекугранична соработка со Република Грција и тоа се првите 200 метри од каналот Студенчишта до спојот со делот од патеката кој што го завршивме во текот на оваа година, а за другите 630 метри се обезбедени средства од Локалната самоуправа онака како што предвидовме според програмата на Секторот за комунален сообраќај и улици. Значи според она што го добивме како уверување од стручните служи и уверувањето на изведувачот би требало првите 420 метри од оваа делница, односно поплочувањето да биде завршено за три до четири недели и ќе останат уште 210 метри од овој дел кој што реков дека до првата половина на октомври би требало да биде комплетно завршен заедно со делот кој што се изведува со средства од ИПА програмата за прекугранична соработка- подвлече градоначалникот Бакрачески и најави изградба на уште една пешачка патека.
-За брзо време се надевам дека во текот на идната недела би требало да отпочне со изградба уште една патека, што според мое лично убедување и убедување на стручните служби сигурно ќе биде најатрактивната во Охрид која што ќе привлекува голем број на охриѓани и туристи и која што ќе биде гордост на граѓаните , а тоа е патеката покрај каналот Студенчишта која ќе почнува од ресторанот Котва и ќе биде до Бијланини извори. Значи се работи за една мошне атрактивна патека која што ќе се наоѓа помеѓу два канали. Го зборувам ова два канали не случајно затоа што конечно малиот канал кој оди паралелно со каналот Студенчишта ќе биде прочистен, прокопан ќе се изгради ново корито и истиот на две до три места ќе биде споен со стариот канал, така да ќе се работи за да биде полн постојано во текот на цела година со вода и ќе биде нормално по природен пат порибен од страна на комуникациите кои што ги правиме со големиот канал. Таа е зона која што исто така ќе биде прилагодена за пловни објекти претежно за мали пловни објекти чамци, кајчиња.Ќе има патека за поминување на кајчарите, ќе има една рекреативна пешачка зона поголема, една велосипедска зона, просторот ќе биде хортикултурно уреден , ќе се постави ново осветлување во рустичен стил и секако ќе има една помала патека која што ќе го опслужува малиот канал кој што како што кажав ќе биде потполно реконструиран- најави градоначалникот Бакрачески.
Нови пешачки зони ќе се градат од месноста Кошишта до Лабино
Извор: www.ohrid.gov.mk |