Денес во хотелот Метропол започна 5-та Меѓународна конференција за
регулирање на услугите за водоснабдување и отпадни води. На конференцијата
во организација на Здружението на даватели на комунални услуги на Република
Македонија- АДКОМ, учествуваат претставници на јавните комунални
претпријатија од земјава, меѓународни експерти, претставници на
Министерството за животна средина и фирми кои се во бизнисот со
водоснабдувањето и третманот на отпадните води.
Конференцијата за отворена ја прогласи градоначалникот Никола Бакрачески:
- Во време кога во светот има се помалку вода за пиење, а
прогнозите велат дека тој тренд ќе расте, расправата за водоснабдувањето,
регулацијата и одведувањето на отпадните води е едно од клучните
прашања за иднината на човештвото.Ние сме подрачје богато со вода, но тоа не
значи дека можеме нерационално да се однесуваме со ова ретко природно
богатство. Охридското Езеро е едно од трите најстари природни езера во
светот и најголемиот басен со чиста вода за пиење во Европа. Не
случајно светската стручна јавност, посебно Охридското Езеро како природна
реткост и посебно Охрид како културно богатство, предложила да бидат под
заштита на УНЕСКО. Тоа е голема привелегија, но и голема одговорност за
нивна заштита. Имајќи ја во вид таквата одговорност, во Охрид пред
повеќе од 25 години се изгради колекторскиот систем за одведување на
отпадните води и може слободно да речеме почна процесот за целосна заштита
на Охридското Езеро.Системот до сега повеќепати со помош на странски донации
е доградуван, а во тек се и активности за негова реконструкција и
продолжување на опфатот. Целта ни е да се направи целосен колекторски систем
кој ќе го штити езерото од македонската и албанската страна. Од друга страна
користењето на водата како природен ресурс, подразбира и нејзино рационално
и одржливо користење, што е примарна работа на водоводните и комунални
препријатија. Верувам дека вие многу посериозно и постручно ќе разговарате
на овој реномиран собир , користејќи ги и меѓународните искуствата кои ќе
бидат изложени на вашите работни сесии – истакна во своето обраќање
градоначалникот Бакрачески.
Од името на организаторот пред присутните се обрати, претседателот на АДКОМ,
Игор Спасовски. На конференцијата ќе се работи на пленарни седници, а темите
кои ќе се разгледуваат се однесуваат на цената на водните услуги,
регулаторот во секторот вода, стратешки менаџмент во јавните комунални
претпријатија, градење на капацитети и подршка за развој на секторот води од
донаторски и меѓународни финансиски институции.
Извор: www.ohrid.gov.mk |