Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ЗАПОЧНА „ПОЕТСКАТА НОЌ ВО ВЕЛЕСТОВО“
Untitled Document

Во  селото  Велестово синоќа   по 27 пат  започна   манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, што годинава е посветена на делото на македонскиот поет, прозаист и критичар Веле Смилески и на ликовното творештво на уметникот  Литов Намдагјанчивин, кој е почесен конзул на Монголија во Македонија.

Општина Охрид и годинава финансиски и логистички го помогна одржувањето на ова културно случување . Љубителите на поетската реч во име на градоначалникот Никола Бакрачески  ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.

-Несомнено дека оваа дводневна церемонија е од огромно значење затоа што преку  поезијата и ликовните изложби кои се одржуваат во нејзини рамки , ние ја покажуваме свеста за својата традиција и грижата за нејзино зачувување, осветлување и афирмирање. Воедно со оваа манифестација селото Велестово безмалку три децении е културен центар на бројни поети и уметници од цел Свет. Оваа средба слична на прославите на книжевните великани во Европа е убав повод да се навратиме на делата  на врвните претставници  на македонската поетска реч. Ако Русија  е позната по Пушкин,  Франција по  Виктор Иго,    Шпанија  по Лорка, тогаш ние  на културен план оставаме печат по делата  на Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, Никола Маџиров и  Владимир Мартиновски. Не помалку значајни се делата на ликовните уметници  Вангел Наумовски, Боро Митриќески, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Славко Упевче и многу други . Оваа плејада културни дејци и многу останати   биле дел од „Поетската вечер во Велестово“- рече Јанев

Основачот   и поет Славе Ѓорѓо Димоски  вели дека  „Поетската ноќ во Велестово“ по својата специфика изминатите  години  се избори за епитетот најавтентична поетска манифестација, не само во земјата, туку и пошироко.

– Нејзината специфичност произлегува од начинот на презентирање на поезијата во необичен простор, надвор од академските простории и структури, туку се враќа во селото ­ нејзиното извориште .Традиционално и годинава  запазен е  форматот на презентација на творештво на еден поет и на еден сликар, класици на современата македонска поетска литература и македонската ликовна уметност – вели  Ѓорѓо Димоски.

За  поетско творештво  на годинешниот Лауреат Веле Смилески, синоќа  беседеа  Санде Стојчевски и Раде Сиљан. Во изложбениот простор на старото училиште во Велестово, пак, со изложба на слики и графики со мотиви од Монголија  се престави уметникот и архитект Литов Намдагјанчивин, кој е почесен конзул на Монголија во Македонија.

Во рамки на манифестацијата денеска во Велестово  ќе биде промовиран зборникот песни „Меѓу две неба, песни за Велестово“ во кој се поместени педесетина песни посветени на Велестово од автори низ светот.

„Поетската ноќ во Велестово“ од 2008 година  прерасна во меѓународна средба на која се претставија и еминентни автори од Европа и светот како Марам ал Масри од Сирија, Дик Робертс од САД, Патрик Котер од Ирска, Роман Кисјов од Бугарија, Одвиг Клив од Норвешка итн.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1473  пати
Објавено на: 15.08.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©