Од денес Охрид авионски е поврзан со Белгиската и европска престолнина
Брисел. Рано утрово на охридскиот аеродром “Свети Апостол Павле“ слета
авионот на најголемиот европски тур - оператор “Томас Кук“. Традиционално со
воден мост, гостите од Белгија ги пречекаа градоначалникот на Охрид Никола
Бакрачески, Серхај Карахатај, маркетинг координатор на ТАВ и директорот на
ТАВ Македонија Зоран Крстевски.
Во изјава за медиумите, Бакрачески истакна дека е многу задоволен од начинот
на кој профункционира охридскиот аеродром оваа сезона:
- Со ова дефинитивно Охрид се поврзува со европската и белгиската
престолнина Брисел, со што на листата ставивме уште една евро-дестинација,
со која Охрид и целиот регион ќе може да комуницираат и да привлекуваат
гости од овие дестинации. Дозволете ми да ја искажам својата благодарност до
туристичкиот гигант Томас Кук, до ТАВ аеродроми, Фибула Травел и секако до
Владата на Република Македонија , особено Агенцијата за промоции и поддршка
на туризмот , за финално реализирање на оваа навистина значајна соработка со
градот Охрид, која ќе претставува значајно зголемување на бројот на туристи
и ноќевања во градот, придвижување на локалната економија и зголемување и на
бројот на летови кон и од охридскиот аеродром. Она што е многу важно за нас
е поврзувањето со Европа и со светот, рече градоначалникот
Бакрачески, додавајќи дека ваквата соработка ќе биде поттик за сите
туристички работници во регионот.
Претставникот на ТАВ Серхан Карахатај подвлече дека “силно верува дека
летовите од Брисел ќе бидат следени со нови летови од други земји каде што
Томас Кук оперира, како што се Холандија, Германија, скандинавските земји и
Велика Британија“.
Портпаролот на “Томас Кук“, Коен Ван Ден Бош истакна дека “Богатата
историја, заедно со Охридското езеро како и националното богатство се
вистинскиот белег на оваа дестинација, која многу убаво се вклопува во
нашето портфолио“.
Белгискиот тур оператор до септември годинава ќе реализира еден лет
седмично, секој понеделник со време на пристигнување во Охрид во 8:20 часот.
Извор: www.ohrid.gov.mk |