Ден пред големиот празник и Патрон на градот, на Градскиот плоштад се одржа голем хепенинг. Под мотото „Децата за Св. Климента“, учениците од охридските училишта со свои уметнички и музички креации дадоа придонес во одбележувањето на „Св. Климент “– Патрон и заштитник на Охрид. Пред почетокот на настанот, Претседанот на Градската општина Медијана – Ниш, Зоран Стојановиќ ја врачи наградата која ученичката Марина Климоска од ОУ „Братство Единство“ ја освои на фестивалот за детско творештво што од 21 до 22 март се одржа во Градската општина Медијана. Исто така врачени беа пофалниците и за другите учесници на фестивалот, Сања Симоновиќ од ОУ „Христо Узунов“ и Благица Крстаноска и Христијан Балоски ученици од ОУ „Живко Чинго“. Програмата беше збогатена со настапите на „Распеаните Ѓерданчиња“ при КУД „Ѓердан“ и „Распеаните рибарчиња“.
Во рамки на денешната програма за одбележување на Патронот на градот, во Центарот за култура „Григор Прличев“, авторот Илче Стојаноски ја промовираше својата книга посветена на случките, приказните и фактите од минатото, насловена како „Охридски Вистини“.
- Она што не е запишано, како и да не се случило, како и да не постоело, и од тој аспект постои опасност од сеќавањата да исчезнат многу нешта кои се од голема вредност за Македонската, Охридската и воопшто за целата човечка историја, рече заменик градоначалникот Ангел Јанев на промоцијата на книгата, кој додаде дека историјата е жива материја која постојано доаѓа до нови факти, ги проверува веќе истражените и објавените, па од принципиелна гледна точка, фактите треба да се конфронтираат за да се дојде до најоптималните заклучоци, оценки и констатации. Такви конфронтации се изнесени и во последната книга на Стојаноски, но сето тоа во интерес на вистината.
Илче Стојаноски е поранешен новинар, кој се занимавал со истражувачка документарна дејност конкретно за минатото на Охрид.
- Во секојдневниот живот се случуваат разни случки, тие случки се прераскажуваат и стануваа приказни, значи приказната пред да стане приказна била вистина. Затоа се одлучив оваа книга да ја насловам „ Охридски вистини- случки, приказни и факти од минатото“ бидејќи се што е изнесено во неа е вистина. Факти за да се потврдат вистините , рече Стојаноски.
„Охридски Вистини“ е четврта книга на авторот Стојаноски во која станува збор за минатото на Охрид.
Инаку чествувањата за „Св. Климент“ продолжуваат вечерва во 19:30 часот во „Куќата на Робевци“ со традиционалната изложба на Фото клубот „Охрид“ насловена како „Училна фотографија“ и во 20:00 часот следува групното поаѓање од Градскиот плоштад кон Светикилментовата црква на плаошник – „Сите кон Свети Климента“.
Извор: www.ohrid.gov.mk |