По повод денот на македонската полиција 7-ми мај , денес секретарот Димитар Спасески во име на градоначалникот Никола Бакрачески и Локалната самоуправа ,на најдобриот полицаец од Охрид за 2013 година, Мите Печоски, му додели плазма телевизор. При чинот на доделување, секретарот Спасески укажа на добрата соработка помеѓу општината и Министерството за внатрешни работи .
- Нашата успешна соработка продолжува и понатака и се надеваме дека во наредниов период ќе преземеме заеднички мерки и активности за поголема безбедност за време на летната туристичка сезона. Уште еднаш им го честитам денешниов ден на полициските службеници . Тие и овој ден иако празничен, го минуваат работно со извршување на постојаните редовни службени обврски. Тие се постојано на терен, а наша задача како Локална самоуправа , како општество и како граѓани е на овој ден да им ја искажеме нашата благодарност за сите ангажмани за обезбедување на јавниот ред и мир во Охрид, потенцира секретарот Спасески кој на најдобриот полицаец за 2013 Мите Печоски, му посака понатамошни успеси во работата.
-Оваа награда за мене претставува чест и задоволство и е поттик во понатамошното успешно извршување на професионалните задачи. Му благодарам на Градоначалникот и Локалната самоуправа кои со овој мал подарок ми одадоа почит за мојата работа., рече добитникот на наградата Мите Печоски
За врачената награда од Општината, Во име на началникот на СВР – Охрид Зоран Сарафилоски се заблагодари портпаролот Стефан Димоски, кој потенцира дека заедно со Локалната самоуправа и понатака ќе работат во интерес на беспрекорна безбедност на охриѓани.
Дозволете да се заблагодарам за вниманието што Општина Охрид во изминатиов период постојано и континуирано го посветуваше на работата и на потребите на СВР Охрид. Дозволете да се заблагодариме што имавте доблест оваа традиција на доделување на награда за најдобриот полицаец да ја продолжите. Ова е значајно за нас бидејќи претставува директен гест на поддршка што ни ја давате и во таа насока и на сите наши напори за зголемување и постојано одржување на висок степен на безбедноста во Охрид. Заедно со вас ние работиме секогаш во интерес на граѓаните, истакна портпаролот Димоски.
Доделувањето на награда за најдобар полицаец е традиција на Општината чија цел е да се оддаде признание на полицијата како важен сегмент за безбеден и мирен живот на граѓаните..
Извор: www.ohrid.gov.mk |