Градоначалникот Никола Бакрачески, на денешната средба со сопственичката на полскиот тур-оператор „ Рего Бис“ , Габриела Манка-Сокули, беше информиран дека во месеците јули и август, оваа компанија воведува чартер линија од Варшава до Охрид и обратно. Доколку, првата година биде успешна полскиот тур-оператор најави зголемување на чартер летовите и бројот на туристите.
-Општина Охрид, го поздравува деловниот потфат на „ Рего Бис“ и стои на располагање за помош околу промоцијата на Охрид на полскиот туристички пазар. На саемот што ќе се одржи во Варшава од 22 до 24 ноември 2016 година ќе биде организирана презентација на Охрид, а можно е да се испечати и промотивен печатен и видео материјал на полски јазик- рече градоначалникот Бакрачески.
Сопственичката на тур- операторот „ Рего Бис“ , Габриела Манка- Сокули рече дека веќе е постигнат договор со ТАВ Македонија, нивните чартер летови да се реализираат секоја среда, во месеците јули и август со авиони со капацитет од 180 до 200 патници. „ Нашите почетни проценки се дека идната година преку нашата компанија во Охрид ќе донесеме 3.700 полски туристи“ , со оптимизам дека таа бројка од година во година ќе се зголемува- рече Сокули.
На средбата на која учествуваа и претставникот на тур- операторот „ Фибула“ , Асим Меџедовиќ и помошникот на раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој Ирена Здравеска- Спасеска, се разговараше и за организацијата на кружни тури за полските туристи и збогатување на понудата со алтернативни форми на туризам. Извор: www.ohrid.gov.mk |