Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СТАРТУВА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД
Untitled Document

Со поставување на камен-темелник кај местото Извор-кичевско, денес беше означен почетокот на градежните активности на автопатот Кичево-Охрид. Овој голем инфраструктирен  проект има капитално значење за западниот дел од Македонија и е од исклучителна важност за Охрид.  Модерното автопатско решение ќе значи подобра конекција на Охрид и ќе овозможи зголемување на економските перформанси на општината. На свеченото отпочнување со градење на автопатот Кичево-Охрид, свое обраќање имаше и Градоначалникот Никола Бакрачески, кој истакна-

Овој исклучителен градежен зафат, еден од најголемите капитални проекти во патната инфраструктура, за општина Охрид значи отворање на нов прозорец на можности, а бенефитот од него ќе биде сеопфатен и долгорочен. Најпрво во периодот на градење ќе претставува можност за ангажирање на градежната оператива и вклучување на локалните фирми во изгрдбата, а крајниот бенефит ќе дојде со конечното профункционирање на овој автопат. Имено, развојот и просперитетот, но и иднината на една општина се тесно поврзани со нејзината конекција со светот. Токму автопатот Кичево-Охрид претставува основа за поагресивен локален економски развој на општина Охрид и целиот регион. Од друга страна како туристички центар во Р.Македонија, Охрид со изградбата на овој автопат ќе биде лесно достапен, побезбеден и побрз за сите посетители кои доаѓаат кај нас. Овој грандиозен зафат ќе отвори нови хоризонти за брз развој на туризмот во Охрид. Затоа денес, имам исклучителна можност во името на граѓаните на Охрид да изразам благодарност до Владата на Р.Македонија, лично до Премирот Никола Груевски, до пратениците и министрите и сите други кои придонесоа за реализација на овој мошне значаен проект за Охрид и регионот. Од денес почнува да се гради новата иднина на овој дел од Р.Македонија, вклучувајќи ги општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и Кичево. Во периодот додека трае изградбата на овој автопат, заеднички како локални власти ќе треба да отпочнеме заедно да ги проектираме и искористиме сите можности кои ќе ни бидат достапни. Почнувајќи од туристичката промоција, па се до создавање амбиент за брз индустриски развој на општините. Ова е исклучителен момент, бидејќи од денес практично стартува вистинското поврзување на Охрид со светот, а Охрид станува подостапен за секој оној што сака да го посети, да ги почувствува неговите природни реткости, да ја запознае историјата и богатата култура на еден народ, но и да го види просперитетот и иднината на Охрид.- рече Градоначалникот Бакрачески.     

Новата делница ќе биде современо автопатско поврзување на Охрид со Кичево. Вкупната должина на автопатот изнесува 56,7 километри, со ширина од 25,2 метри, со посебна лента за застанување. Помеѓу двата коловоза ќе има разделен појас во должина од 3 метри, а ќе биде изграден и тунел во должина од 2 километри под планинскиот превој Пресека. Вредноста на проектот е 375 милиони евра, а планирано е да се гради 45 месеци.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1415  пати
Објавено на: 22.02.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©