Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОХРИД ПОДГОТВЕН ЗА БОГОЈАВЛЕНИЕ ВОДИЦИ
Untitled Document

Привршуваат подготовките за одбележување на еден од најголемите христијански празници Богојавление – Водици во Охрид.
 Во духот на христијанската вера  и обичаи во пресрет на празникот веќе се декорирани чаршијата и централното градско подрачје.
Охриѓани кои во езерските води ќе скокаат по  Чесниот Крст може да се пријавуваат  заклучно со понеделник вечер   во црквите  „Св. Ѓорги“- Горна Влашка Мала, „Св. Никола“- Геракомија, „Успение на Пресвета Богородица“- Каменско и  „Св. Никола“- Долна Влашка Мала.

Централната манифестација посветена на  празникот е на  19 Јануари. Прославите започнуваат  во раните утрински часови со богослужби во сите парохиски цркви. Во 7:00 часот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“’- Каменско ќе се одржи Утерна Богослужба а  во 8:00 часот Архиерејска Божествена Литургија.  Во 9:45 часот е поаѓањето на литиите  кон градското пристаниште.  Во 10: 00 часот  Митрополитот на Дебарско – кичевската Епархија г. Тимотеј ќе го фрли Чесниот Крст во водите на Охридското Езеро. Годинава големиот богојавленски водосвет, фрлањето на крстот  ќе биде од градското пристаниште.   За безбедноста на сите охриѓани кои ќе скокаат во езерските води ангажирани се   6 тимови на спасители на вода и 4 нуркачки како и 10 медицински тимови.
Наредниот ден, 20 јануари точно напладне ќе се одбележи денот на рибарите. Традиционално рибната чорба ќе ја подготвуваат учениците од СУТУ „Ванчо Питошески“ а   пачата   ќе ја подготват студентите од  Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.  Покрај со овие специјалитети присутните ќе се служат со вино и греана ракија. За загревање на атмосферата  ќе се погрижи охридската група „Билјана Јуниор“.На овој ден  тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан во месноста Сарајште.

Најмасовната црковно – народна манифестација за осветување на водите  по своите духовни и верски вредности ги надминува локалните и регионални граници и го привлекува вниманието на голем број верници, гости, туристи и посетители.
Партнерската соработка помеѓу локалната самоуправа, туристичкиот еснаф и верските заедници придонесува кон натамошна афирмација на традицијата и зголемување на интересот на угостителските субјекти од градот  коишто и годинава креираат привлечни понуди за сите заинтересирани гости во деновите на прославување на манифестацијата. Хотелските и ресторанските објекти своите услуги ќе ги даваат по промотивни цени и попусти од 10 до 30 %.
Организатори на случувањето се Општина Охрид и  Македонската Православна Црква а медиумски покровител е Сител Телевизија. Настанот се очекува да биде проследен од бројни медиумски куќи.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1314  пати
Објавено на: 15.01.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©