Градоначалникот Никола Бакрачески, по повод празникот Свети Сава, упати честитка до припадниците на српската заедница во Охрид.
-Во името на граѓаните на општина Охрид и во мое име, Ви го честитам Денот на првиот српски архиепископ Свети Сава, 27 јануари, и Ви посакувам празникот да го поминете во мир,среќа и благосостојба, заедно со семејството и пријателите.
Денот на Свети Сава е еден од најголемите национални празници на српскиот народ, кој се прославува секаде во светот каде живеат Срби.
Припадниците на српската заедница се нераскинлив дел од нашето општество и посветено придонесуваат за соживот и меѓусебно разбирање и развој на Охрид и Република Македонија. . Живеејки во свет кој упатува на почитување на културни и јазични вредности, сакаме да го искажеме нашето задоволство што Вие како етничка заедница давате особен придонес во развојот на мултикултурно и мултиетничко општество, кое е пример и за многу поразвиени демократии во Европа и Светот.
Свети Сава за српскиот народ е непресушен извор на вера, надеж и љубов кон Бога, кон себе и кон блиските, духовна крепост и патоказ кон иднината исполнета со слобода, хуманизам, благодет и напредок. Со уважување на овие универзални пораки и морални вредности, Ви го честитам Вашиот голем национален празник, со надеж дека сите заедно ќе придонесуваме за подобра иднина на Охрид и Република Македонија- стои во честитката на градоначалникот Никола Бакрачески.