ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БАКРАЧЕСКИ ВО ПОСЕТА НА ЛТХ “ЛЕАРНИЦА“
Untitled Document
Во рамки на предвидените посети на стопанските капацитети во Охрид , а со цел да се презентираат можностите и поволностите што Општина Охрид ги нуди за развој на бизнисот во насока на стопанско заживување на Охрид, денес градоначалникот Никола Бакрачески беше во посета на ЛТХ “Леарница“ . Станува збор за е една од најуспешните компании во градов која што високо котира во бизнис секторот во Р. Македонија и е една од 20-те компании кои што имаат најголем извоз на државно ниво. Компанијата е една од 100-те најуспешни во државава со 430 вработени.
По кратката презентација на работата и обиколката низ производствените погони градоначалникот Бакрачески го изрази задоволството што во Охрид има компанија од типот на ЛТХ “Леарница“ која што има солидни кооперантски врски со неколку локални компании и на тој начин претставува значајна алка во системот на локалната економија.
-Наша цел е да воспоставиме една успешна и континуирана комуникација со локалните компании како што е ЛТХ Леарница. Да поразговараме за нивните развојни планови и евентуалните пречки со кои тие се соочуваат во текот на нивната работа и да помогнеме таму каде што Локалната самоуправа во рамки на своите ингеренции и законски можности може да помогне се со цел да обезбеди подобар локален економски раст и преку развојот на таа компанија да обезбеди поголем број работни места. Јас во овој момент би ја изразил благодарноста кон ЛТХ “Леарница“- Охрид која претставува дел ЛТХ “Кастинг“ кој што има свои производствени погони не само во Македонија туку и во Хрватска и Словенија. Се надевам дека ова ќе биде само почеток на нашата успешна соработка во иднина и се надевам дека само на овој начин со тесна комуникација и соработка со локалните компании ќе имаме можност да создадеме добри услови за економски развој и раст. Намерата ни е вакви успешни компании во иднина да можат да го планираат својот развој , истиот да го унапредуваат и креираат можности за поголем економски раст и создавање на услови за реализација на поголем број вработувања, истакна градоначалникот Бакрачески.
Со оглед на тоа што се работи за извозно ориентирана компанија една од целите на денешната работна посета беше и разгледување на можностите за привлекување на странските кооперанти на оваа фирма во Охрид, односно тие да отвораат свои фирми кај нас.
-Секако ние разговаравме и за можноста дел од нивните кооперанти во иднина да се заинтересираат да основаат свои компании во Охрид. Ние сме секогаш тука како Општина да ги понудиме поволните услови за развој на бизнисот во градов- додаде градоначалникот Бакрачески.
Директорот на ЛТХ “Леарница“ , Роберт Водушек се заблагодари за посетата на градоначалникот Бакрачески и истакна дека најголемиот број од вработените се охриѓани.
-Ние сме специјализирана фирма за леење на алуминиумски делови за автомобилската индустрија кои ги продаваме низ цел свет . Нашите делови се продаваат претежно во Европа а имаме извоз и во прекуокеанските земји: Мексико и во Кина. Горди сме а мислам дека се горди сите охриѓани кога во некој автомобил ќе видат дел кој е произведен во оваа охридска фирма, рече Водушек кој посочи дека фирмата има потреба од високо квалификувана работна сила , машински инженери , со можност за дообука во Словенија, Германија или Швајцарија.
Водушек истакна дека во насока на привлекување стручни кадри фирмата веќе соработува со ЕМУЦ “Свети Наум – Охридски“ , со скопскиот и битолски универзитет.
Во насока на добивање на потребните стручни кадри а со цел да се олеснат условите за работа од страна на градоначалникот Бакрачески беше понудена можноста за едукација на кадри во ОУ Отворен граѓански универзитет “Кузман Шапкарев“, при што трошоците за едукаторите би биле на товар на општината.