Во рамки на проектите финасирани од Светска банка чија изведба е во
завршна фаза, вчера изведувачот АД „Илинден“ започна со изградба на
испусната градба на атмосферската канализација во Воска. Со изградбата на
овој објект се комплетираат работите предвидени со проектот за изградба на
атмосферска канализација во населбата Воска. Кон овој објект гравитациски се
сливаат водите од новоизградената мрежа на атмосферска канализација во
населбата Воска која беше изградена на улиците „Сатеска“, „Мича Гилиќ“ и
„Трајче Трајчески“.
Испусната градба ќе обезбеди акумулирање на атмосферските води,
стабилизација на токот, нивно таложење и сепарација, по што истите безбедно
ќе бидат испуштени во езерото. Со овој начин на собирање и третман на
атмосферските води се обезбедува нивен предтретман со што се спречуваат сите
можни негативни влијанија кои можат да ги предизвикаат при испуштање во
езерото.
Испусната градба е предвидена да биде со должина од 6.5м, ширина 1.5м и
длабочина од 1.5м додека таложењето ќе се извршува во три меѓусебно врзани
комори. Темелењето на испусната градба е на метални шипови кои се набиваат
до длабочина од 4м со што се обезбедува стабилност на оваа армирано бетонска
конструкција.
Се очекува работите на овој објект да се одвиваат во следните 10 тина дена.
Извор: www.ohrid.gov.mk |