Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОТВОРЕНА ОХРИДСКАТА ФИЛМСКА АКАДЕМИЈА
Untitled Document

Во просториите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ , денеска и официјално беше означен почетокот на работата на новата високобразовна установа Институт за филм- Филмска академија- Охрид. Филмската академија ќе функционира како јавна научна установа и како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, а на почетокот ќе ги користи просториите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“.

- Отворањето на Филмската академија во суштина е кулминација на повеќегодишната соработка помеѓу Владата на Република Македонија и ФАМУ-престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага- рече заменик- министерот за образование и наука Спиро Ристоски. „  Тригодишните студиски програми ќе се изведуваат на англиски јазик и истите се прилагодени специјално за оваа институција согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, петта најстара филмска школа во светот која позади себе брои влијателни режисери и сценаристи, добитници на Оскар и лауреати на меѓународни филмски фестивали“, подвлече Ристовски.

Како што истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, со отворањето на Филмската академија, Охрид ќе зазема важно место на светската филмска мапа зашто тука ќе се образуваат кадри не само од Република Македонија, туку и од земјите од регионот, а знаењата и вештините од „Прашката школа“, како што рече, ќе им ги пренесуваат познати имиња од престижната Филмска академија ФАМУ од Чешка.

-Свесни сме дека со отворањето на академијата ќе се зголеми промоцијата на Охрид во светот, како развиен туристички, стопански и образовен центар кој на темелите на милениумското културно -историско минато, успешно ја гради својата иднина. Охрид го има фестивалот „Охридско лето“, филмскиот фестивал, а отсега и Филмска академија, а убеден сум дека ќе ја реализираме и идејата за отворање на филмско студио со што Охрид ќе стане и познат филмски град, рече Бакрачески.

Професорот од Филмската академија во Прага, Томаш Петрањ рече дека седиштето на оваа академија е во Македонија заради долгата традиција на културни односи помеѓу Македонија и Чешка која започна во 863 година кога Свети Кирил и Методиј пристигнале во Велика Моравија каде ја започнале мисијата за описменување.„ Ние не отвораме само високообразовна установа, туку јавна научна установа што значи дека набрзо планираме да отвориме и докторски студии кои ќе бидат водени од ФАМУ и ќе се посветиме на истражувачката работа. Ова е единствена соработка од ваков вид на ФАМУ од Прага со друга земја Ќе ја развиваме истражувачката работа во филмската индустија во овој регион, рече професорот Петрањ.

Годинава, како што беше соопштено денеска, ќе се вршат уписи на катедрите за постдипломски студии и тоа за катедрата за сценаристика и драматургија и катедрата за креативна продукција. Наставниoт кадар, освен редовните професори, ќе го сочинуваат и визитинг професори од ФАМУ од Прага.

Уписите на оваа високообразовна установа започнуваат од денес и ќе траат до четврти октомври, а ќе се вршат со пополнување електронска пријава. По завршувањето на рокот за електронско пријавување, врз основа на обработка на пристигнатите апликации и интервјуа со кандидатите кои ќе се реализираат на 13-ти и 14-ти октомври, он-лајн или директно, стручен тим на оваа високообразовна установа ќе изврши и соодветна селекција на идните студенти.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1340  пати
Објавено на: 10.09.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©