Почитувани гости, драги сограѓани, дами и
господа. Обземен од прекрасното чувство вдахновено од кодот на нашиот
патрон, вечерва сум исконски почестен да Ве поздравам и да
Ви го честитам големиот празник Свети Климент Охридски - заштитникот
на нашиот град.
Ви благодарам што дојдовте вечерва заедно да го одбележиме овој голем
празник, а на оние кои не можејќи да присуствуваат на бројните свечености
искрено им се заблагодарувам за испратените честитки.
Во оваа прилика дозволете ми да ги поздравам почитуваните гости
,пратеници во Собранието на Република Македонија,членови на советот на
општина Охрид, претставници на збратимените градови на Охрид, моите
драги сограѓани и сите присутни во овој прекрасен амбиент на Домот на
Култура - Григор Прличев .
Почитувани присутни!
Во седум илјадната историја на Охрид плејада на значајни личности и настани
го одредуваа неговото патување низ историските времиња, оставајќи свој белег
врз иднината на овој вечен град.
Но, Божественото дело на Свети Климент Охридски е оној препознатлив и
безвременски знак, кој ги исцрта историските контури на духовно и културно
воздигнување на нашиот македонски народ. Повеќе од 11 века, низ
премрежјата на минатото, преку неговите трајни свети пораки, зрачи
неговото слово, го осветлува нашиот пат и не води кон иднината.
Преку Свети Климент ние се поврзавме со Бога, со Свети Климент ја пославме
патеката кон духовната надградба, со неговото дело се вклучивме во
културното градење на Европа.
Овој вон временски великан, светител и просветител ни го подари писмото како
основен белег на нашиот идентитет, а на Европа и ја подари суштината и
вредноста на Светиклиментова школа на хуманизмот. Неговото дело е
нераскинливо врзано со Европа и претставува драгоцен
придонес во светската цивилизациска традиција.
Универзална вредност на Св. Климента , денес не чини уште повеќе исправени и
горди чествувајќи го неговото име и дело како прв словенски
архиепископ, втемелувач на Охридската архиепископија, основач на првиот
сесловенски универзитет за кого велат дека е постар од Болоњскиот,
просветител и книжевник кој со своето дело заедно со неговиот духовен
брат Св. Наум, Охрид го претворија во центар на ширењето на божјото слово и
словенската писменост и култура. Затоа свети Климент Охридски не ни припаѓа
само нам, туку му припаѓа на светот и богатата универзална ризница во која
белези оставале сите цивилизации.
Свети климентовото дело не упатува кон врвните морални и етички принципи,
понудувајќи го совршениот приод кон животот во несовршениот свет кој го
познаваме.
“ Со смирение и нелицемерие, со вистинска љубов да се почитуваме еден со
друг, да се надминуваме еден со друг со добрина“ и „уште од денес да
се помачиме за добри дела “. Не просветли како да чекориме по
вистинскиот пат со добра мисла, добар збор и добро дело.
Ни ја вкорени најголема етичка сила во Нас и ни рече „Тргај се од злото и
прави добро! -, не поучи како да го облагородиме човековото
однесување.
Синоќа со свеќи во рацете, полни со радост во срцата и облагородени со
добра мисла, тргнавме сите кон Св. Климента да го посетиме неговиот
возобновен храм на Плаошник и да се поклониме пред неговите свети мошти.
Уверен сум дека кај секој од Вас но и кај секој добронамерник и
човекољубец кој ќе го посети ова свето место, во тој момент срцето
побрзо чука а душата ви се полни со чудна блаженост и спокој. Велат,
тоа е тајниот знак со кој Свети Климент не поврзува со
Бога и не упатува кон врвните морални и етички принципи, важни
за градење на еден посовршен и похуман свет.
Ценети присутни,
Безвременото дело на Свети Климент е наша духовна, културна и национална
инспирација. Тоа не обврзува да ги следиме и спроведуваме неговите
возвишените совети и световни мудрости и да им пренесеме на помладите дека „
Само од добар корен, никнува здрава фиданка“ . И нас како генерација,
секојдневно не потсетува на обврските да го почитуваме минатото,
да оставиме свои траги во сегашноста во која живееме и заедно со духот на
Свети Климент да помогнеме во осветлувањето на патот, по кој генерации што
доаѓаат ќе чекорат кон иднината. Наша исклучителна одговорност е да го
надградиме тој однос кон нашиот град. Охрид заслужува просперитетна иднина.
Затоа потребна ни е целосна посветеност и вклучување на целиот
интелектуален, духовен, културен, политички, економски и општествен
потенцијал, да придонесеме во натамошното надградување на овој вечен град.
Знам и верувам , дека сите заедно како Охриѓани можеме да го издигнеме
сјајот на древниот Охрид и да го промовираме како единствена дестинација во
која на божествен начин се испреплетени природните убавини и вредностите на
напредните култури и цивилизации.
Тоа е и наш завет кон безвременото и бесценето дело на Свети Климент чиј дух
вечно бдее над Охрид и го чува нашиот град и ни помага да опстоиме на нашите
определби во зацврстување на неговиот континуитет.
Оче Свети Клименте моли го бога за Нас!
Извор: www.ohrid.gov.mk |