Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
БЕЛО ЛЕТО СО ВЛАДИМИР ВАСИЛЕВСКИ ЧЕТКАР
Untitled Document

Годинашното издание на “Бело Лето“, ќе биде во знакот на концертот на охриѓанецот со светска кариера, џез музичарот Владимир Василевски Четкар. Туристичко-промотивната манифестација со која се најавува официјалниот почеток на летната сезона, оваа година ќе се одржи на 1 јули, со повеќе содржини на различни локации во градот, а ќе започне со концертот на Четкар во предворјето на Света Софија.

-  Централниот настан, концертот на Владимир Четкар Секстет ќе се одржи во предворјето на црквата „Св. Софија“ во 19 часот. Веднаш по завршувањето на концертот, околу 21 часот, од дворот на „Св. Софија“ дефиле ќе има групата тапанари „Каранос“ од Воден- Грција, во која учествуваат 25 тапанари перкусионисти кои ќе дефилираат низ стариот дел од градот- Долна Порта, Градскиот плоштад, по чаршијата се до Стариот чинар и потоа ќе се вратат назад кај Малиот плоштад. Ќе бидат придружени од жонглери кои ќе имаат особено интересен визуелен настап. Околу 22 часот на Малиот плоштад следи забавата со охридските диџеи, Никола Тони и Никола од Охрид - истакна на денешната прес конференција раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.

Помалку уморен од летот од САД, но видно расположен, Четкар не го криеше задоволството што повторно ќе настапи пред охриѓани.

- Овој настап е дел од серијата настапи од тој концепт кој долго го промовирам со секстет постави, исклучиво со луѓе од Македонија, со што составот претставува Македонија во мало. Големо заодволство ми е да свирам дома после турнејата која ја имав во САД и особено ми е драго што манифестацијата започнува токму со нас. За секој уметник многу е важно вниманието кое го добива во родниот град, од каде се почнало, сум ги стекнал моите први знаења.  Тоа ќе биде енергична летна програма за луѓето да ги мотивираме да се забавуваат и уживаат. Станува збор за авторска програма од околу 80 минути во која ќе бидат застапени композиции од првиот и вториот студиски албум, како и некои нови материјали кои ќе ги промовирам за прв пат тука – рече на денешната средба со новинарите Владимир Василевски Четкар.

Со одлука на Советот на Општина Охрид, работното време на охридските угостители на 1 јули ќе биде неограничено.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1400  пати
Објавено на: 27.06.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©