Во интервју за економскиот неделник „Капитал“, градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, се осврна на приоритетите за економско заздравување на Охрид и негов брз економски и туристички раст.
Во прилог Ви претставуваме дел од интегралното интервју:
Наследивте лоша финансиска состојба на општината. Колкави се долговите на Охрид?
- Ако правиме негативна градација на состојбата, тогаш финансиската состојба во Охрид не е лоша, туку катастрофална. Долгот на општина Охрид ја надминува сумата од 32 милиони ЕВРА, само како обврски на локалната самоуправа. Освен тоа во моментов се водат 428 судски спорови за неисплатени обврски кон разни субјекти. За цели 14 милиони евра е блокирана сметката на општина Охрид кон повеќе доверители и за истите има правосилни судски решенија, кои чекаат за присилна наплата од извршители. Долговите на јавните претпријатија кои се под ингеренции на општината Охрид, се исто така огромни. Само Меѓуопштинското Јавно претпријатие Про-аква има долг од над 8 милиони ЕВРА. Голем дел од општинските Јавни Претпријатија, како на пр. Ј.П "Охридски Комуналец", имаат ставено хипотека на својот имот и многу е голема можноста имотот да премине во сопственост на банките. Останатите Јавни претпријатија во најголем дел имаат блокирани сметки за милионски денарски обврски, кои го оптеретуваат нормалното работење.
Состојбата со општинските училишта е исто така многу сложена. Сите тие имаат проблеми со нормално сервисирање на обврските, должат милионски денарски средства за електрична енергија и нафта, а дел од нив имаа блокирано сметки. Затоа мојата перцеција, но и експертската јавност ја оценува финансиската состојба во Охрид како исклучително сложена или катастрофална.
Што ќе преземете за санација на буџетските дупки? Од каде и преку какви проекти планирате да обезбедите пари?
- Секако дека суштинска работа за санација на финансиската состојба на оиштината е превземање мерки за деблокирање на општинската сметка. Веднаш после превземањето на мандатот и направената анализа на структурата на долговите, стапивме во процес на преговори со правните субјекти и физичките лица кои се јавуваат како доверители, според списокот за присилна наплата направен од страна на Министерството за финансии на Р.М. Во овој момент се преговара за нивно откажување на побарувањата по основ на камати и евентуално намалување на главнината од долгот. До сега преговорите одат мошне добро и спремноста да се помогне во процесот на одблокирање на општинската сметка е изразена од двете страни. Тоа подразбира дека фирмите и физичките лица кои имаат побарување од општина Охрид да ги повлечат решенијата за извршување, а општината со потпишување на договор се обврзува редовно да ги сервисира месечните рати по долговите во период од 12 до 36 месеци, во зависност од висината на побарувањата. Во тек се разговори со Министерството за финансии на Р.М, за добивање на кредит од Светската Банка за финансирање на проекти, кој по поволни услови би го добила општината, за спроведување на редовни обврски и активности на локалната самоуправа. Се превземаат мерки за подобрување на приходната ставка на буџетот, со зголемување на опфатот на наплата на даночните обврзници. Забрзаната ревизија на Деталните Урбанистички Планови за Охрид и нивното пуштање во процедура, односно усвојување од Советот, ќе значи прилив на значителни сума на финансиски средства по основ на уплата на средства за комунално уредување. Сите овие активности треба да доведат до надминување на сложената финансиска состојба.
Каква е ситуацијата со вработувањата во општината?Имате ли анализа со колкава администрација работите и дали ќе има потреба од отпуштања или евентуално нови вработувања?
- Проблемот со огромната превработеност, нерационалност, нефункционалност и неорганизираност на администрацијата која ја затекнав во општина Охрид е сериозен. Само како податок- општината има 265 вработени, во најголем број со статус на државни службеници, голем дел од нив без работни задачи или пак незнаеле кои им се работните обврски. Оваа бројка на администрација е товар за буџетот и за развојот на Охрид. Ако европскиот просек за општини со слични перформанси на Охрид е еден административец на 1000 жители, тогаш бројот на вработени во општинската администрација во Охрид би требало да биде 55 вработени. Сега тој број е 5 пати поголем или 500 % над потребното. Само во периодот фебруари-март оваа година, во екот на предизборната кампања, вработени се четириесеттина државни службеници, дефинитивно без некоја елаборирана потреба од нив. Најголем дел од административните вработувања имаа нелогични описи на работните обврски, работните места се систематизирани со несоодветно образование со описи на работни задачи кои се апсолутно неефикасни и вон секој критериум за административно работење.
Дополнително, преку договори за дело затекнав уште 160 вработени, од кои преку половината со заобиколување на Агенцијата за вработување. За над 95 % од овие времени вработувања нема евиденција дека се појавиле на работните места или дека извршувале некакви работни задачи.
Во општина Охрид досега, не постоеле упатства и протоколи за работа, листа на процеси и алгоритми за извршување. Не постојат изработени правила за изработка на документи и акти за интерна коресподенција, а еден огромен дел од документите кои пристигнувале во општината не се архивирале.
Во овој момент правиме реорганизација на службите, и сите вработени ги вклучуваме во процесот на добивање на работни обврски и отчет за срабтеното, а почитувањето на работното време и работната дисциплина се подразбира само по себе. Секој вработен треба да прифати дека е дел од една целина и дека мора да даде максимум од себе ангажирано, посветено, чесни и одговорно да работи во интерес на градот и граѓаните на Охрид.
Што според Вас најмногу му недостасува на Охрид?
- На Охрид дефинитивно му недостига економски развој и зголемување на бројот на вработени. Процентот на невработеност во југо-западниот регион, во кој спаѓа и Охрид е за 11,8 % повисок од републичкиот просек, што е алармантно. Дури за 22 % е помал БДП по глава на жител од просекот во државата. Затоа не случајно бројот на млади лица кои го напуштаат Охрид е најголем во Република Македонија. Охрид во изминатите 8 години, заради нерационални постапки и неправилно менаџирање е доведен во состојба на економски колапс, без перспектвност, со драматично ниво на невработеност, од една страна, и со сомнително екстремно богатење на неколкумина блиски до минатите локални структури, од друга страна. Тоа треба брзо да се надмине и на граѓаните на Охрид да им се врати надежта дека овој град има иднина и просперитет.
Перспективата на Охрид води кон две стратешки точки, едната подобрување на туристичките перформанси на општината и другата кон подобрување на условите за развој на стопанството, индустријата, земјоделието и малите и средни претпријатија. Мора да го имаме предвид фактот дека Охрид до 1990 година, важеше за голем индустриски центар во Македонија кој акумулираше огромен број на работна сила, со стопански капацитети кои вработуваа над 22 000 луѓе. Токму таму треба да ги насочиме нашите активности и да обезбедиме доволно инвестиции кои ќе бидат во функција на развој и на туризмот, но и на оние стопански дејности кои ќе придонесат за за подобрување на сликата со вработување на нашите граѓани.
Извор: www.ohrid.gov.mk |