Ракометниот клуб „ Охрид 2013“ оваа година ги доживува своите најсветли моменти од своето постоење. На едно коло пред крајот на есенската полусезона е втор на табелата зад гигантот „ Металург“, при што во досега одиграните 8 натпревари, 6 пати победуваше.
Целта за оваа натпреварувачка сезона е пласман во плеј- офот, односно во четирите најдобро пласирани екипи на табелата. Оваа година беа донесени четири странски засилувања меѓу кои и францускиот интернационалец Малик Хогас. Со неговите добри игри веднаш се наметна во екипата, но и стана миленик на охридската публика. Неговиот престој во Охрид и впечатоците кои тој ги има за градот и средината без објавени во статија на францускиот весник „ La Provence“, кој се издава 70 години, а дневно се печати во над 600.000 примероци. Во статијата објавена за Хогас, меѓу другото се наведени неговите впечатоци за Охрид како најголем туристички центар во Македонија, Охриското Езеро и сите други природни и културни убавини, кои ка ко дел од светското културно и природно наследство се под заштита на УНЕСКО. Исто така, посебен акцент се дава и на гостопримливоста на месното население како и на одличниот прием кој го има во клубот и кај охридските навивачи. Понатаму во статијата се пишува и за амбициите на клубот за оваа година, како и за восхитеноста од интересот кај охридската публика за ракометот која на секој натпревар доаѓа во огромен број, што е реткост речиси за сите други градови во Македонија.
На овој начин, Локалната самоуправа и градоначалникот Бакрачески, како доминантни финансиери и менаџери на клубот, уште еднаш покажуваат дека спортот е еден од приоритетите за развој во Охрид, а воедно и еден од најголемите амбасадори за промоција на градот во странските држави.
Извор: www.ohrid.gov.mk |