За прв пат оваа година Охрид се вбројува помеѓу познатите светски метрополи, кои организираат спортски манифестации низ улиците на централните градски јадра.
Како вовед во главниот настан „ОХРИД ТРЧАТ“, вчера, беше организирана „Школската трка“ каде повеќе од 350 ученици трчаа по Кејот на Охридското езеро, додека во сабота во утринските часови пред НУ Центар за култура „Григор Прличев“ ќе бидат доделени натпреварувачките пакети за учесниците, а во 17 часот ќе биде организирана програма за најмладите. Главниот настан е во недела, а почетокот е закажан за 10 часот. До овој момент има пријавено околу 330 натпреварувачи, но се очекува до недела овој број да се зголеми.
- Нема да го кријам своето задоволство од организирањето на овој настан и големата заинтересираност за настанот. Сакам да изразам голема благодарност до организаторите, Асоцијацијата на спортови од Охрид, општина Охрид и СВР Охрид, институции кој што секогаш се вклучуваат при организација на масовни настани. Настанот има и друг аспект, а тоа е промоција на градот. За крај сакам да апелирам до сите оние и да ги поттикнам сите кои што се двоумат да земат учество на овој настан кој што се надевам дека ќе премине во традиција, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
За безбедноста на настанот, зборуваше портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, кој што информираше дека сите безбедносни мерки се преземени и дека е направен посебен режим на сообраќај за време на трката. Исто така потенцира дека за таа цел во функција ќе биде ставена и велосипедската единица на СВР Охрид.
Антонио Додески од Асоцијацијата на спортови „СПОРТ ЗА СИТЕ – СИТЕ ЗА СПОРТ“, истакна дека за успешна реализација на настанот потребно е граѓаните на Охрид да излезат во пресрет и своите возила да ги отстранат од зацртаната патека.
По завршувањето на прес конференцијата на градоначалникот Бакрачески кој што е и учесник на трката му беше доделен натпреварувачкиот број.
Извор: www.ohrid.gov.mk |