Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИКОТ НА ЗАТВОРЕНИОТ БАЗЕН ВО ОХРИД
Untitled Document

Во присуство на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, министри и пратеници од Охрид, денес беше поставен камен темелникот на затворениот пливачки базен во Охрид. Градоначалникот Никола Бакрачески истакна дека со денешниот чин се исполнува аманетот на легендите на охридското пливање, а изрази и отворена благодарност до премиерот Груевски за поддршката во реализацијата на овој грандиозен проект за Охрид.

- Верувам дека легендата на охридското пливање Александар Леко Радич не ќе може да ги сокрие солзите од радост и возбуда на денешниот ден,  затоа што кога ја добиваше највисоката општинска награда “Свети Климент Охридски“ , едноставно и кратко ни порача – изградите базен. Денес драги сограѓани отпочнуваме  да ја материјализираме неговата желба и мечтата на многу генерации охриѓани да имаме затворен базен. Чувстувам дека од некој крај на небесата и легендите на охридскиот пливачки спорт, Атина Бојаџи, Нико Нестор, Климе Савин, ја споделуваат радоста на овој миг. Дозволете ми да ја изразам отворената благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија, г.Никола Груевски за неговиот огромен придонес во реализацијата на овој проект. Изразувам благодарност и до охридските пратенци од ВМРО ДПМНЕ за нивниот ангажаман целосно да се заокружи овој проект и до вас почитувани сограѓани за вербата која ни ја укажавте да истраеме во нашите напори. Проектот за затворениот базен во вредност од 298 милиони денари , на Охрид му носи најмодерен објект од ваков вид во Македонија, не само во архитектонска смисла, туку и во технолошки поглед. Градот добива објект со два затворени базени, кои ќе се градени по технолошки стандарди кои до сега не се применети во Македонија – истакна градоначалникот Бакрачески.

Во своето обраќање, премиерот Груевски истакна дека изградбата на затворениот базен во Охрид е едно од децениските барања на жителите на Охрид кое низ годините беше тема на разни политички манипулации и шпекулации.

- Многумина ветуваа, многумина ќе го градеа овој базен, но реалноста е таа. Нашиот најголем град кој излегува на Охридското Езеро, градот со огромен број пливачи и љубители на водните спортови никогаш во минатото не добил затворен пливачки базен. Таквата реалност конечно се менува. Ние ветивме и за разлика од другите не заборавивме на ветеното. Зборот си е збор и ние држиме до зборот. По тоа сме и препознатливи кај народот - истакна премиерот Никола Груевски.

Објектот на затворениот пливачки базен ќе биде со приближен габарит од 50 метри на 60 и ќе зазема површина од околу 30.000 метри квадратни,а се очекува да биде завршен во рок од 2,5 години.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1320  пати
Објавено на: 12.11.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©