Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СВЕЧЕНОСТ ПО ПОВОД 23 ОКТОМВРИ – ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА
Untitled Document

Со пригодна програма, денес во големата општинска сала беше одбележан 23 – Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Пред присутните граѓани се обрати градоначалникот Никола Бакрачески:

- Нека ни е честит и вековит, 23 Октомври- Денот на Македонската револуционерна борба. Денот на славата на идеалот и борбата за слобода.  Ден, трајно  врежан во македонскиот идентификациски код и колективната меморија на мекедонскиот народ.  Патоказ за нашата сегашност и нашата иднина.
 23 Октомври во 1893 година, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов,  шестмина храбри, млади луѓе ги поставуваат темелите за слободата на македонците. Конспиративната група составена од д-р. Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев ја основаат семакедонската организација која ја нарекуваат „МАКЕДОНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА“. Оваа организација низ историјата ќе биде темелник и инспиратор на сите слободарски борби, ќе го менува името, но засекогаш ќе биде „македонска“ и „револуционерна“ .
Во тие турболентни времиња на деветнаесеттиот век, време на тиранија, ропство, крвопролевања и идентитеска криза, организираниот почеток на македонската револуционерна борба е крик на најхрабрите и најобразованите луѓе од тоа време. Луѓе со бистра мисла и чисто срце, предвесници и херои кои сакаат да ја поврзат и обезбедат иднината за сите Македонци, без разлика на верската или етничката припадност во заедничка борба за слобода и независна држава. Мислата водилка на нивната мисија е да ги обединат напорите на слободољубивите Македонци, Власи, Албанци, Турци, подготвени да застанат под бајракот за ослободување на Македонија од ропството и тиранијата.
Почитувани сограѓани,
Основоположниците на Македонската револуционерна организација знаат дека единствениот начин за да се дојде до слободна и независна држава е организираната борба  со сопствени сили.„Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвикаат противдејство од страна на другите соседни влади“- ќе порача председателот на организацијата д-р. Христо Татарчев.
Од слободарскиот никулец, низ историските патешествија ќе изртат и ќе созреат илјадници следбеници, кои ќе се борат за слободна и самостојна македонска држава.  Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев и многу, многу други. Со нив, организацијата, бележи силен подем, кој резултира со ширење на организационата мрежа и пристапување на нови бројни јунаци, кои ќе го следат идеалот на Јане Сандански : „ ...да живееш значи да се бориш – поробениот за слобода, а слободниот за совршенство.“
Слободарски идеали, храброста и пожртвуваноста, патриотизамот и херојството се врзното ткиво за големите историски настани. Денот на независноста на Република Македонија 8-ми септември 1991-та,  е нераздвоен од 2 август 1944та, АСНОМ не ќе беше можен без 11 октомври 1941-та. Денот на востанието на Македонија е нераздвоен од Илинден 1903-та. Илинден 1903та не ќе беше можен ако не беше 23 октомври 1893-та година, ден кој го славиме како празник на македонската револуционерна борба.Тоа е континуитетот на македонскиот стремеж за слобода и остварување на вековните аманети на нашите предци.
Почитувани присутни,
Во вакви пригоди, кога ги чествуваме херојствата и слободарските идеали на нашите претци, инспирирани сме и чувствуваме обврска како генарација да продолжиме по нивниот пат и да ја чуваме слободна, суверена и независна Репувлика Македонија.Република  Македонија е демократска и правна држава која се темели врз почитувањето на човековите права и слободи, држава чија големина лежи и во нејзината отвореност кон сите кои живеат во неа, но и кон соседите во регионот.
Нашата отвореност, природно се надоврзува на благородната идеја на Европската унија, идејата за Обединета Европа. Таа наша отвореност е дел од визијата за европски мир, кој ја подразбира Европа како обединет и отворен простор, простор во кој има толеранција и славење на различностите. Има многу пречки  на патот кон Европа, но цврсто сме уверени дека за скоро правдата и правичноста ќе бидат на нашата страна и ќе бидеме дел на големото европско семејство на кое природно му припаѓаме.
Почитувани граѓани,
Во актуелните турболентни времиња, Република Македонија и на внатрешен и на надворешен план се соочува со нови предизвици. Потребно е единство и истрајност за да се справиме со нив и да обезбедиме сигурна иднина и развој на нашата татковина, зошто на тоа не обврзува вековната борба за слобода на генерациите пред нас.Тоа се неизбришливи поуки и обврски на кои се посетуваме токму на ова чествување на 23 Октомври- Денот на Македонската револуционерна борба – исткана во своето обраќање Бакрачески.

Во свечениот дел настап имаа естрадниот уметник Петар Нечоски, актерот Ивица Цонев, Стефани Велјаноска и Ана Бошалеска од ОМУ “Методи Патчев и хорот и оркестарот од ОСУ “Свети Климент Охридски“.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1435  пати
Објавено на: 21.10.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©