![](http://ohrid.gov.mk/pictures/Akademija2016_4857.jpg)
Со низа свечености вчера и денес, се одбележува 1100 годишнината од упокојувањето на заштитникот на Охрид , „Св. Климент Охридски“. Во рамки на чествувањето, синоќа, се одржа Свечена академија во чест на Патронот, на кој беа доделени највисоките општински признанија, Наградата и Повелбата – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“.
![](http://ohrid.gov.mk/pictures/Akademija2016_4852.jpg)
На манифестацијата поздравно обраќање имаше градоначалникот Никола Бакрачески.
![](http://ohrid.gov.mk/pictures/Akademija2016_4854.jpg)
Добредојдовте на настанот, со кој ги одбележуваме изминатите 11 векови под закрилата на ПАТРОНОТ- Св. Климент Охридски! Минатото е базна детерминанта на иднината! Вселенската хармонија кристализира премиса за поврзаноста на судбините на луѓето, сродни по определбата- животот да го посветат на МИСИЈАТА на благородноста. Флуидот кој ги привлекува себичните, бескрупулозните и на ним сличните, ја формира масата. Рамнотежно етерот, ги довикува гласовите на ретко умните- доблесни претставници на човечкиот род и ги вдахнува Богомилно,... А тие пак тивко,... но моќно, се издигнуваат кон исконски чистите предели. Таму светат, недопрени од времето, изворно инспирирајќи и потсетувајќи ги луѓето за делата на оној редок и жилав сој- луѓе кои избрале Богољубен живот! Да Св.Климет е наш прататко, да Св.Климент е наш патрон ! Со десната рака нè благословува, а во левата држи книга. Го држи најсилното оружје- ненасилието, изразено преку љубов, преку реч, преку добра мисла... Исцелува рамнодушност, поучува на добрина... Во книгата која ни ја дари, ги чува бисерите на Светиот Дух: „љубов, спокој, добрина, толерантност, кроткост, милосрдие, воздржаност, вера и радост“! Учителот.... го воздигна Охрид, во врвен образовен, културен и духовен центар.
Ни даде национална инспирација. Нè поучи на лична одговорност и преку сопствен пример ни го докажа постоењето на цврста индивидуална и морална структура. Светителот е нашата нитка со која се поврзуваме со Бога, патоказ кон духовната надградба, а неговите дела се дел од културниот мозаик на Европа. „Тргај се од злото и прави добро“, премудро ни запиша и нè научи дека од морална пропаст нема спасение! Едноставно ни ги објасни и најсложените теолошки и етички прашања, кодирајќи ги во нашата свест. Во неговото житие се вели: „Со сите сили тој се трудел да ја превозмогне рамнодушноста на народот спрема Божјите нешта... особено да ја омекне жестокоста, суровоста и грубоста од нивните срца. Тој се трудел да ги измени мислите на луѓето кон КРОТКОСТ И ЧОВЕШТИНА“.
Создателот на Охридската книжевна школа, Првиот словенски универзитет и јазичното ни писмо ги довика своите ученици и од „добар корен“ ги израсна во „здрави фиданки“ чии гласови шепотат и денес во македонската колективна свест „да се надминете еден со друг со добрина“! Еден од нив кој го нарекуваат Храбар, во делото „За буквите“ или „О писменех“ ќе запише: „Македонските букви се посвети и се повеќе за почит, бидејќи се обработени од свет човек“! „Да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта без да имаме непријателства со никого, не да се сакаме со лицемерна љубов туку еден со друг да се почитуваме од срце за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно“- нè поучуваат неговите зборови. Св. Климент, нашиот прв епископ е еден од петочислениците меѓу кои се и неговите духовни браќа: Горазд, Наум, Сава и Ангелариј- ученици на Светите учители Кирил и Методиј...
И како што етерот ги довикува ретко умните, така се дополнува и безвремената материја со имињата на Константин Преславски, Црноризец Храбар, Григор Прличев, браќата Миладиновци, Рајко Жинзифов, Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Петре М. Андреевски и други кои пишувале, пишуваат и ќе пишуваат со перото на ПАТРОНОТ! На мајчиниот ни јазик наш, еден и единствен – МАКЕДОНСКИ! Тогаш, сега и за навек! - рече градоначалникот Бакрачески.
Годинава Наградата за своите достигнувања ја доби музичкото училиште „Методи Патчев“, а Повелбата и беше доделена на охриѓанката Нина Балабан за успесите постигнати во спортот.
Во име на добитниците се обрати директорката на музичкото училиште, Емилија Маринова.
![](http://ohrid.gov.mk/pictures/Akademija2016_4856.jpg)
Ми причинува голема чест што вечерва стојам пред овој почитуван аудиториум на свечената академија со која Охрид го одбележува празникот на својот заштитник, чудотворецот, духовен просветител и светец Климент Охридски, чии дела ден денес силно oдекнуваат како ехо низ овој древен град, каде Св. Климент творел и го создал словото од кое се описменија многу нации. Уште поголема е честа да се прими наградата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“, највисокото признание што го доделува градот, дотолку повеќе што ја примам во име на ОМУ Методи Патче, институција која повеќе од пет децении е пример за успешно работење и која достојно ја репрезентира музичката култура преку младите кои штотуку почнале да навлегуваат во тајните на музичката уметност и бројните награди и признанија што тие во контунуитет ги освојуваат на домашни и меѓународни натпревари, но и преку докажани уметници кои патот до светската слава која ја имаат денес, го почнале токму од ОМУ Методи Патче, истакна Емилија Маринова.
Наградата и Повелбата ги додели градоначалникот Никола Бакрачески.
![](http://ohrid.gov.mk/pictures/Akademija2016_4859.jpg)
![](http://ohrid.gov.mk/pictures/Akademija2016_4855.jpg)
Свечената академија заврши со настап на Македонскиот камерен оркестар, проследен со видео анимации и хорот и рецитаторите од ОСУ „Св. Климент Охридски“.
![](http://ohrid.gov.mk/pictures/Akademija2016_4853.jpg)
![](http://ohrid.gov.mk/pictures/Akademija2016_4851.jpg)
![](http://ohrid.gov.mk/pictures/Akademija2016_4858.jpg)
Извор: www.ohrid.gov.mk |