Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОХРИД И ОВАА ГОДИНА ДЕЛ ОД „БАСКЕРФЕСТ“ КАРАВАНОТ
Untitled Document

Позитивните вибрации на „Баскерфест“ и оваа година ќе се почувствуваат во Охрид. Во петок и сабота, охриѓани ќе имаат можност да ги проследат атрактивните баскер артисти, како и музичарите кои што се дел од театарот на отворено.

Козани и Венди доаѓаат од Аргентина и Италија, а нивниот циркус е навистина адреналинско доживување. Во точката со ножеви, Козани прецизно фрла со ножеви кон својата Венди, а на публиката и се смрзнува крвта. Секако ова е само мал дел од нивното баскер шоу кое содржи и жонглирање со оган.

Диого Алварес кој публиката го прогласи за најзгодниот магионичар на светот, доаѓа од Бразил, а во Охрид ќе го изведе своето шоу со илузии и магични трикови на кое никој не останува рамнодушен.

Ферца од Аргентина е кловн и акробат кој со сигурност ќе ги развесели најмладите. Неговите точки вклучуваат акробации на високи столчиња, но и многу хумор.

Џина Циркус со нејзиниот танц со оган ќе ги разбуди сетилата на публиката во една кратка приказна, која таа ја раскажува низ возбудлив настап.

Хиро-Сан доаѓа од далечната Јапонија, а неговото улично шоу е вистинска атракција. Комбинација од боречки вештини, неколку интересни трикови, акробации, како и вклученост на многу посетители во точката.

Оде Зуле е баскер бенд од Шпанија, чија што музика може да се окарактеризира како мешавина од шпанскиот фолклор со ска панк. Звучат одлично, а нивниот енергичен настап е аудио визуелен перформанс во кој има вклучено и цртање, кловнови и жонглирање.
„Баскерфест“ или како што популарно го нарекуваат театар на отворено кој што ќе се одвива низ охридската чаршија и градскиот плоштад е одлична можност за интерактивна забава за секоја возраст.

Прочитано:  370  пати
Објавено на: 07.06.18
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©