Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СЕ РЕКОНСТРУИРААТ УЛИЦИ И ПОТПОРНИ ЅИДОВИ ВО СТАРИОТ ДЕЛ НА ОХРИД
Untitled Document

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески денеска беше на увид  на градежните активности кои се завршени или во тек на  улиците „Кирил и Методиј“ „Кузман Капидан’“  и „Илинденска“ во стариот дел на Охрид, а кои се однесуваат на  реконструкција и санација на плочникот и потпорните ѕидови.

Градоначалникот најави дека  во насока  на  одржување и зачувување на автентичниот изглед, активностите  за  реконструкција и  преуредување на камените и гранитни коцки  и санација на потпорните ѕидови  наредниов период ќе продолжат  речиси низ сите останати  улици во старото градско јадро. На задоволство на жителите на населбите: Варош, Месокастро и Кошишта  градежните активности ќе се одвиваат според предвидениот план и динамика.  

-Во  Програмата  работа за 2016 година како еден од приоритетите се наметна потребата за реконструкција на улиците и потпорните ѕидови во стариот дел на Охрид. Согласно предвидените акциони планови и согласно програмата во првата половина на 2016 година започнаа градежните активности за санација, реконструкција и доизградба на голем број на улици во стариот дел на Охрид и секако санација на потпорните ѕидови кои со години  наназад биле уништувани, а на нив изминативе години воопшто не било интервенирано. Во моментов се работи на неколку улички во стариот дел на Охрид. Завршени се реконструивните зафати  на улица „Кузман Капидан“ на кракот што води кон Самуилова тврдина со вкупна површина од 320 м2. Тука се прередуваше плочникот и се нивелираа шахтите, а се санираа и сите оштетувања кои беа евидентирани на улицата. Во наредниот период се предвидува да се санираат и реконструираат сите оштетувања на плочникот и потпорните ѕидови на вториот крак од ул. „Кузман Капидан“ кој води кон Плаошник. На улица „Илинденска“ на површина од 420 м2 во тек е санација на оштетувањата на плочникот. На улицата „Кирил и Методиј “ каде претходно асфалтиравме површина од 2 700 м2   целосно се реконструирани потпорните ѕидови во должина од 150 метри- изјави веднаш по направениот увид градоначалникот Бакрачески и најави дека  наредниов период ќе  се продолжи  со реконструкција на останатите  улички и потпорни ѕидови кои беа предвидени во програмата за работа.

- По завршување на градежните активности на  улица „Илинденска“ ќе се продолжи со реконструкција на останатите улици: „Коста Абраш“, “Кочо Рацин“, „Нада Филева“, „Аргир Маринче“, „Климентов Универзитет“. Меѓу другото  ќе се продолжи и со преуредување на плочникот од улицата што води кон црквата „Св. Јован Канео. Бехатон плочките од оваа патека ќе се заменуваат со гранитни коцки кои соодејствуваат на автентичноста на старото градско јадро- додаде градоначалникот Бакрачески.

Благодарност за преземените градежни активности низ улиците во старото градско јадро упати  претседателот на УЗ „Стар град“ ,Горан Патче.

-Во име на жителите на УЗ „Стар град“ упатувам благодарност до градоначалникот Никола Бакрачески  и локалната самоуправа за  сите овие активности кои ги преземаат. Ме радува фактот што релативно брзо нашите иницијативи кои ги поднесовме до локалната самоуправа најпрво влегоа во  Годишната програмата за работа, а сега гледаме и дека се реализираат. Се надевам дека со исто темпо ќе продолжи  и понатака- рече Патче.

Активности за разубавување на старото градско јадро, Локалната самоуправа спроведе и минатата година.  Тогаш беше уреден  просторот во непосредна близина на црквата Св. Софија. Привлечен лик и уреден паркинг  простор доби и месноста кај  Долни Сарај. Минатата година се уредија потпорните ѕидови кај населбата  Канео, а беа уредени и  патеките кои од главниот пат водат кон плажите „Потпеш“ и „Канео“.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1423  пати
Објавено на: 23.05.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©