Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПАНАХИДА И СЛОВО ЗА ВЕЛИКИОТ ГРИГОР ПРЛИЧЕВ
Untitled Document

Прличевите беседи продолжија денеска со панахида на гробот на Григор Прличев што се наоѓа во комплексот на црквата „ Света Богородица Перивлепта“. На Панахидата присуствуваа и положија цвеќе делегации на општина Охрид,политичките партии и  институциите што го носат името на лавроносецот.

Во Спомен- куќата на Прличев, во организација на општина Охрид се одржа завршната манифестација на годинешното чествување „ Слово за Прличев“ . Инспративо слово за Прличев одржа проф. д-р. Георги Сталев Попоски,  најголемиот познавач и промотор на делото на големиот Прличев.

Пригодна реч во Спомен- куќата на Прличев, одржа градоначалникот Никола Бакрачески.

-Овде, во Спомен куќата на нашиот сограѓанин, Великиот  Григор Прличев, денеска уште еднаш ја искажуваме нашата искрена почит кон неговото дело,чии пораки длабоко се врежани во нашата колетивна меморија. Ретки  се оние поети во светот кои се прогласени за рамносилни со Хомер и тоа од самите Грци, каков што е Прличев, човекот кој не и подлегнал на славата и понудата да ги продолжи студиите  во Оксфорд или Берлин, туку се вратил меѓу својот народ.
Длабоко свесен за својата историска одговорност „ Прличев процени дека нужда велика е да се врати дома, во отечеството му“ , зошто  како што ќе рече „Си ја љубев народноста своја, повеќе од својот живот“ .Тие пораки силно одекнуваат и денес,овде од неговата Спомен-куќа, а ние и генерациите по нас треба да ги впиваме, горди на поетот кој заедно со големата дарба и слава, се вратил во тогаш темниот Охрид и се соочил со мачен живот, исполнет со сиромаштија и неразбирање  од другите.
Се враќа во својот  Охрид, за да се пресмета со елинофилството, затоа што длабоко во себе знае дека не е Грк. Од таа елинофилска заблуда, која за естетска среќа му го донесе лавровиот атински венец, ќе го оттргне веста за смртта на неговите учители, Константин и Димитрија Миладинови, кои поради грчките (фанариотски) клевети дека се руски шпиони, завршуваат во цариградските зандани, додека тој носи грчки ловор. Затоа ќе ни ја напише и „1762 лето“ која и ден денес е омилената и заветната песна на охриѓани, а во своите беседи ќе остави и безброј критики за своите сограѓани за нивното однесувања во тој темен период од македонската историја.
Прличев е европски поет, писател со признати светски вредности, преведен  на многу јазици.Тој е автор на поемите Сердарот (1860) и Скендербеј (1861), на Автобиографијата (1885) , но и преведувач и прв наш класичен филолог. Ставот на угледни македонски историчари на јазикот и на книжевноста е дека елинизмот е поразен токму од оној кој на елински пееше како лебед, и тоа токму во Охрид - неговиот роден град.
Ќе не потсети дека системот на вредности се темели на личниот пример. „Татко имаме еден, а таткојната е многу таткој.Мајка имаме една, а таткојната е илјадници мајки. Братја имаме пет или десет, а таткојната е неброени братја. Еден човек што не си ја милвит таткојната појќе од татка и мајка и појќе од себе си- тој не может да бидит чесен чоек“ – ќе порача Прличев.
Почитувани пријатели. Нека ни е трајно и  вековито чествувањето на ликот и делото на големиот Григор Прличев- рече во обраќањето градоначалникот Нкола Бакрачески.

Градоначалникот Никола Бакрачески , на победниците на Литературниот конкурс на ОУ „ Григор Прличев” , Дарјан Ангелоски, Христијан Мишев  и Сара Јолакоска им ги врачи наградите, што ги обезбеди општина Охрид.

Во културно- уметничкиот дел настапија ансамблот „ Билјана Јуниор“ и хорот при КУД „ Гердан„ кој промотивно ја изведе песната на композиторот Методија Баракоски посветен на Григор Прличев.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1473  пати
Објавено на: 06.02.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©